Адмирал Ефтимов: Нема активности со намера против Бугарија, дронот кај Кардам бил мамка од типот „Маја“
Нема активности со намера против Бугарија во врска со дронот што утрово падна во близина на Кардам, изјави во Варна началникот на одбраната на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов. Според него, леталото било дрон-мамка од типот „Маја“, јавува БТА.
Тој претпоставува дека дронот бил пренасочен од системите за електронско војување, по што се движел по курс надвор од дострелот на радарите.
Според Ефтимов, беспилотните летала од овој тип можат да носат до пет килограми експлозив.
Началникот на бугарската одбрана информираше и дека уште кон крајот на јули, поради зачестените пресретнувања на дронови од типот „Шахед“ во областа на романско-украинската граница, во Бугарија биле прераспоредени сили и средства за противвоздушна одбрана.
Воедно било засилено набљудувањето, а била прераспоредена и авијација.
„Борбата со дроновите е многу тешка и специфична и бара комплексни мерки“, изјави Ефтимов.
