КОВАЧЕВ: НЕ САКАМЕ НАШИТЕ ПОТОМЦИ ДА СЕ МРАЗАТ СО ПОТОМЦИТЕ НА ЗАЕВ ЗАРАДИ РАЗЛИЧНИ ОБРАЗОВНИ ПРОГРАМИ
Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Ковачев, пред бугарската ТВ „Европа“ изјави дека позицијата на Бугарија е јасна и тие не сакаат во Европската унија да влезе една држава како Македонија со која нивните деца и внуци ќе ги имаат истите проблеми со фалсификувањето на историјата.
„Не сакаме тие да се мразат со потомците на Зоран Заев зашто учеле по различни образовни програми“, изјави тој.
За подготвеноста на македонскиот премиер Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи, Македонија писмено да гарантира дека нема територијални претензии кон Бугарија, Ковачев коментира дека таквата понуда е „слатка“, но ни одблизу доволна. Вели дека во декларацијата од 1999 година од екс премиерот Љубчо Георгиевски е наведено дека ниту една од двете држави нема територијални претензии.
„Ние не диктираме како да се самоопределуваат во Северна Македонија, но во никој случај не е европска вредност да се манипулира историјата. Имаме светска академска заедница според која населението порано се самоопределувало како бугарско. Таа комисија нема храброст да ги расчисти моментите во наставните програми за да се предава вистината. Дали со нов договор, со анекс или под друга форма, треба да се прифати дека тој процес е неповратен“, рече Ковачев.