Бугарија ќе биде домаќин на глобалниот форум за антарктички истражувања во 2028 г.
Бугарски научници и експерти учествуваат на XII Отворена научна конференција на Научниот комитет за антарктички истражувања (SCAR), што беше отворена денеска, 10 август, под покровителство на Норвешкиот поларен институт, соопшти Бугарскиот антарктички институт, пренесува БТА.
На форумот учествуваат над 1.400 научници и истражувачи од целиот свет, кои ги разгледуваат промените во поларните екосистеми, криосферата, Јужниот Океан, биолошката разновидност и климатските промени.
Бугарската делегација ја предводи проф. д-р Христо Пимпирев, директор на Националниот центар за поларни истражувања при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и претседател на Бугарскиот антарктички институт. Бугарските истражувачи презентираат научни трудови и постери базирани на податоци од националните експедиции до базата „Св. Климент Охридски“ на островот Ливингстон.
„За наша огромна чест, Бугарија беше избрана да биде домаќин на 13-тиот глобален форум и 40-тата средба на делегатите во 2028 година“, изјави Пимпирев.
Според него, тогаш се очекуваат над 1.500 учесници, а настанот ќе се совпадне со одбележувањето 40 години бугарско присуство на Антарктикот.

