| |

Бугарија и Турција ќе ја зајакнат соработката во борбата против прекуграничниот криминал и делата извршени од млади луѓе

Бугарија и Турција се договорија да ја продлабочат соработката во борбата против прекуграничниот криминал и новите форми на кривични дела извршени од млади луѓе, соопштија министрите за внатрешни работи на двете земји, Иван Демерџиев и Мустафа Чифтчи, по нивната средба во Бугарија, јавува БТА.

Демерџиев изјави дека двете страни имаат заеднички став оти криминалот меѓу младите претставува појава на која треба да ѝ се спротивстават преку засилена меѓусебна соработка.

„Ги споделивме ставовите на турската страна дека кривичните дела извршени од млади луѓе се феномен против кој треба да се бориме и постигнавме согласност за соработка во оваа насока“, рече бугарскиот министер.

Прекуграничниот криминал бил меѓу главните теми на разговорите, изјави турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи.

Тој посочи дека турското Министерство за внатрешни работи веќе извесно време води интензивна борба против, како што ги нарече, „кривични дела од новата генерација“, додавајќи дека дел од нив можат да прераснат и во терористички активности.

„Како две соседни земји, сметаме дека е од особено значење да соработуваме во оваа насока“, рече Чифтчи.

Според него, соработката со бугарското Министерство за внатрешни работи може да донесе конкретни резултати во справувањето со овие форми на криминал.

„Веруваме дека преку соработката со бугарското Министерство за внатрешни работи ќе постигнеме видлив успех во борбата против овој вид кривични дела“, истакна турскиот министер.

Полициските академии на Бугарија и Турција потпишаа меморандум за разбирање со цел унапредување на соработката во обуката и професионалните контакти меѓу полициските службеници од двете земји.

Демерџиев истакна дека документот треба да создаде основа не само за подобра институционална соработка меѓу двете полициски академии, туку и за воспоставување непосредни контакти меѓу идните полициски службеници уште во текот на нивното образование.

Турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи изјави дека двете министерства имаат намера да ја прошират соработката во сите области.

Според него, зајакнувањето на билатералната соработка било поддржано и на средбата меѓу бугарскиот премиер Румен Радев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, одржана за време на посетата на Радев на Анкара на почетокот на јули.

Чифтчи му се заблагодари на Демерџиев и на неговиот тим за гостопримството и го покани бугарскиот министер за внатрешни работи да ја посети Турција.



Слични Објави