Пет филмови со бугарско учество, меѓу кои еден во копродукција со Северна Македонија и Словенија ќе бидат прикажани на фестивал во Тирана
Пет филмови со бугарско учество се селектирани во програмата на 24-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Тирана, кој ќе се одржи од 21 до 27 септември во албанскиот главен град. Годинава за наградите ќе се натпреваруваат повеќе од 200 филмови од целиот свет, јавува БТА.
Долгометражниот филм „Страст“ на Ралица Петрова, копродукција на Бугарија, Данска и Шведска, ќе учествува во официјалната програма PerspecTIFF. „Голишар“ на Георги Мартев е избран во конкуренцијата за балкански филмови, а „Клуб 127“ на Свилен Димитров ќе се натпреварува во категоријата за краткометражна анимација.
„Кучињата немаат соништа“ на режисерот Ханис Багашов, копродукција на Северна Македонија, Словенија и Бугарија, ќе учествува во конкуренцијата за краткометражни филмови на албански јазик и во специјалната програма „Фокус на Северна Македонија“.
Филмот „Прскај и моли се“ на Венета Андрова, бугарско-германска 3Д анимирана документарна копродукција за лажните вести и темната страна на дигиталниот простор, е избран во програмата AI 3.0.

