Бугарскиот министер Иван Демерџиев ја започна иницијативата „Малите големи херои“ и награди млади за доблесни постапки
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ја започна иницијативата „Малите големи херои“, со која ќе се оддава признание на деца и млади за храбри, одговорни и општествено корисни постапки, јавува БТА.
На церемонија во зградата на Министерството за внатрешни работи, Демерџиев награди деца и млади кои покажале граѓанска доблест и храброст.
Министерот изјави дека во последните недели дел од бугарските млади биле во фокусот на јавноста поради негативни појави, но нагласи дека МВР сака да покаже дека голем број деца и млади носат вредности што заслужуваат почит и можат да служат како позитивен пример.
„За нас е важно бугарското општество да биде свесно дека меѓу младите луѓе во Бугарија има такви кои покажуваат граѓанска доблест, храброст и се подготвени да направат постапки достојни за почит“, изјави Демерџиев.
Тој како пример ги посочи Димитар и Владислав Стојанови – татко и неговиот седумгодишен син, кои учествувале во отстранувањето на последиците од поплавата во Струмјани.
Демерџиев награди и неколку млади лица кои помогнале во приведувањето на маж што лажно се претставувал како полицаец.
Според министерот, МВР и во иднина ќе ги истакнува и наградува ваквите примери, особено кога младите помагаат во спречување или откривање кривични дела, во справување со последици од природни непогоди или во други активности поврзани со работата на министерството.
„Сакаме да се знае дека не ги гледаме само негативните појави, туку и позитивните, а тие многу повеќе го привлекуваат нашето внимание, нè радуваат и ни даваат причина за оптимизам“, рече Демерџиев.
