Радев: Бугарија не може повеќе да чека за изградба на автопатиштата
Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека забрзаната изградба на автопатиштата е меѓу главните приоритети на Владата, бидејќи доцнењето на големите инфраструктурни проекти го забавува економскиот развој на земјата.
„Најважно е што поскоро да имаме автопатишта и не можеме повеќе да чекаме, бидејќи тоа го запира севкупниот економски развој на Бугарија“, изјави Радев пред новинарите при инспекција на градежните работи на обиколницата на Пловдив, заедно со министерот за регионален развој и јавни работи Иван Шишков.
Премиерот посочи дека Владата планира големите патни проекти да се реализираат со повисок квалитет, вклучително и преку концесии. Законот за јавно-приватно партнерство веќе се разгледува, а следната недела Владата треба да усвои стратешка анализа за најприоритетните патни правци и други инфраструктурни објекти во земјата.
Радев нагласи дека пред распишувањето концесии е неопходно државата да ја обезбеди потребната проектна подготвеност и да ги спроведе сите административни процедури.
„За да поканиме инвеститор, најпрво треба да ја завршиме нашата домашна задача. Треба да ја имаме таканаречената проектна подготвеност“, рече Радев.
Според него, оптимистичкиот рок за распишување прва концесија е следната година.
„Тоа ќе бидат слободни тендери. Ќе ги поканиме сите наши и странски компании. Кој сака, нека учествува, но тие компании треба на сопствен трошок да ги изградат автопатиштата и целосно на сопствен трошок да ги одржуваат“, изјави премиерот.
Тој оцени дека ваквиот модел ќе придонесе за подобар квалитет на изградбата и за ограничување на можностите за коруптивни практики во патната инфраструктура.
Министерот за регионален развој Иван Шишков, во врска со начинот на наплата за користење на патната инфраструктура, изјави дека по 2030 година во целиот Европски Унион ќе се применува ист модел на наплата, во согласност со директива на ЕУ.
„За нас е важно да се промени целиот економски модел, кој навистина ќе ни гарантира дека ќе имаме патишта“, рече Шишков.

