БЛАГОЈЧЕ ТРАЈКОВСКИ: „ДЕНЕШЕН ТВ ДНЕВНИК“- ТЕМА: МАКЕДОНИЈА
„Не знам дали беше прва вест, барем од таму од каде што почнав да гледам. Премиерот дава изјава на висок тон, малку поднасмеан (не му ја разбрав поентата) како државата е на прав пат, како платите биле зголемени за 5% (во превод околу 5-6 евра), па како оваа наша силна држава ќе земи уште некој кредит за да ги плаќа давачките во приватниот сектор доколку се заколнат дека нема да исплаќаат плата на рака или во превод да ја признаат сивата економија (се чудам како до сега не му текнало на вицепремиерот да му дозволи на газдите да ги скенираат налозите од платите на работниците за да си вратат дел од приходот), па како прераснавме во правна држава каде има притворено обвинител, директор, бизнисмен (биле притворени и многу други ама не сум сигурен дали некој одлежува казна), па како се помирил со соседите (најверојатно со соседите во маалото) оти со овие другите не изгледа баш така…
Втор лик исто така поднасмеан без никаква корист бара некој да го охрабри и тој да прерасне во А.Д. како и другите помали фирми за да ја развијат берзата и уште повеќе и онака силната еконоимија со на пример оданочување на детските заштеди, па макар и за секоја купена мастика.
Лик број три – весел опзиционер кој ќе обновува само не знаеме од кој и како, па за четири години ќе не однесе триесет години во иднината (ако не носевте така во вашите единаесет години власт сега требаше да бидеме дел од серијата „Ѕвездени патеки“, а не во документарец на Discovery channel), па изливи на емоции и патриотизам и пак СДСМ, ДПМНЕ…
Сите така квалитетно растрчани како да се во екот на кампања или можеби му застудело од промената на времето па да се загреат по малку. Незнаеш кој кого повеќе обвинува за криминали, слобода на говор, платени медиуми, цензурирани изјави… му нема крај.
Следна вест е од министерството за образование кое по се изгледа очекува до крајот на месец мај учениците да ги добијат учебниците кои можеби не се вакцинирани па министерот за здравство не дозволува да бидат доделени… но моментално приоритет е како да се задуши второто „востание“ на СОНК кое е во најава…
И за крај нашата вистинска слика… загрижени експерт од образовниот кадар во обид да го спречат одливот на мозоци или да го доедуцираат па да не не срамиме по светот каде што ќе си го бараат чарето, од таму одиме во струмичко да видиме како таму има недостиг на нови земјоделци кои по се изгледа исто така се некаде по светот, а оние кои се тука мака мачат и не можат да дојдат на ред од фантомските новопечени земјоделци кои си крцкаат субвенции по заслуга…
Каква грешка што не го променив тв каналот, долг период немав гледано ваква „забавна“ емисија која сепак успеа да ми го расипе расположението и да ме потсети на нашето жално секојдневие и реалноста“, напиша на својот FB профил, Благојче Трајковски, претедателот на ГДУ-Битола .
