Во Софија беа наградени млади Бугари од бугарските заедници ширум светот на конкурсот за есеј на БНР
Ученици и студенти од бугарските заедници ширум светот беа наградени на конкурсот за есеј во организација на Бугарското национално радио (БНР), на церемонија што се одржа во Централниот воен клуб во Софија. Иницијативата е под покровителство на претседателката на Бугарија Илијана Јотова, а пораките од настанот беа насочени кон зачувување на бугарскиот јазик, култура и врската на младите од дијаспората со Бугарија, јавува БТА.
Церемонијата започна со изведба на песната „Не брзај, Сонце“ од ансамблот „Славеј“ од Софија, а домаќин на настанот беше генералниот директор на БНР, Милен Митев.
Конкурсот се реализира со поддршка на Извршната агенција за Бугарите во странство при Министерството за надворешни работи и на Министерството за образование и наука на Бугарија.
Учесниците пишуваа есеи на темите „Со што Бугарија може да ѝ помогне на Европа (светот)?“ и „Која кауза може да ги обедини Бугарите ширум светот?“.
Во категоријата за ученици до 18/19 години беа наградени Ан-Мишел Ерон од Франција, Божидара Илиева од Грција, Викторија Богдева, Кирил Бочев и Светла Пармакова од Украина и Јунона Буљашка од Велика Британија.
Меѓу студентите до 26 години победници се Даниил Герги и Роман Цветков од Тараклија, Молдавија, Дијана Гечева и Мишел Мирослав Сабчева од САД и Ива Петрова од Белгија. Пофална награда доби Василики Колиу од Грција.
Наградата за избраните ученици е еднонеделна посета на Бугарија во текот на летото 2027 година, додека студентите ќе добијат платена практикантска работа во БНР.
Генералниот директор на БНР, Милен Митев, во обраќањето истакна дека современите технологии ги бришат границите и ја прават Бугарија поблиска од кога било за младите кои живеат во странство.
„Таа секогаш ќе биде отворена за вас, затоа што таа е вашиот дом и секогаш ќе биде таков“, рече Митев.
Тој потсети дека минатата година конкурсот бил организиран за претставници на бугарската дијаспора во Украина и Молдавија, додека годинава бил проширен за сите бугарски заедници ширум светот.
Според Митев, пристигнатите трудови покажале високо ниво на познавање на бугарскиот јазик, но и силно чувство на припадност кон Бугарија.
„Уште повпечатливо е што овие творби покажаа искрена љубов кон Бугарија, љубов заснована врз почит, познавање на бугарската култура и чувство на припадност“, рече тој.
На церемонијата, заменик-министерот за надворешни работи Христо Дикански оцени дека иницијативата е многу повеќе од литературен конкурс, бидејќи им овозможува на младите Бугари да зборуваат за својата врска со земјата и да ги споделат своите идеи за нејзината иднина.
Тој нагласи дека работата со младите Бугари во странство е еден од приоритетите на Министерството за надворешни работи и дека врската со Бугарија треба да се поддржува без оглед на тоа каде живеат.
„Во напишаното од вас гледаме не само силна врска со Бугарија, туку и млади луѓе кои имаат став за развојот на Бугарија и сакаат да бидат дел од нејзината иднина. За мене, тоа е најважната порака од овој конкурс“, рече Дикански.
Тој им порача на наградените дека без оглед дали ќе продолжат да живеат во странство или ќе се вратат во Бугарија, нивната врска со татковината може да се зачува преку јазикот, културата и духот.
Министерот за образование и наука, проф. д-р Георги Валчев, истакна дека трајна обврска на институциите е да ја одржуваат жива врската на бугарските заедници со татковината.
„Каде и да има бугарско срце во светот кое не сака да ја прекине врската со татковината, тоа треба да биде поддржано“, рече Валчев.
Тој посочи дека лично се уверил во значењето на ваквите иницијативи при посети на настани на бугарски неделни училишта во Париз, каде деца со бугарско потекло од повеќе земји читале стихови на бугарски јазик.
„Тоа е нашата мисија и треба да ја следиме докрај. Бугарија не е само во нејзините граници. Таа одамна е дел од големиот свет и ние треба да го поддржуваме секое бугарско срце, каде и да се наоѓа“, додаде министерот.
На церемонијата присуствуваа и претседателката Илијана Јотова, која ги врачува наградите на учениците и студентите, секретарката на претседателот за култура, образование и врски со Бугарите во странство Милена Димитрова, претставници на Народното собрание и на Извршната агенција за Бугарите во странство, како и писателката и преведувачка Здравка Евтимова и поетесата и литературна критичарка проф. Амелија Личева.
