| |

Бугарија меѓу земјите на ЕУ со напредна рамка за отворен пристап до научни истражувања

Бугарија е меѓу земјите во Европската Унија со напредна законодавна рамка за отворен пристап до резултатите од научни истражувања, се наведува во нов експертски извештај изготвен за Европската комисија, јавува бугарското Министерство за образование и наука.

Според документот, Бугарија е меѓу првите членки на ЕУ што го комбинираат законското право на научниците за повторно објавување со обврска за отворен пристап до публикации создадени со јавно финансирање, без период на мораториум.

Рамката дополнително беше проширена со Законот за поттикнување на научните истражувања и иновациите од 2024 година, кој предвидува авторите да доставуваат дигитални копии од публикациите во определено хранилиште.

Националната инфраструктура ја обезбедува Бугарскиот портал за отворена наука. До јануари 2026 година на порталот имало 105.329 публикации со отворен пристап и 5.656 регистрирани научници, наспроти 73.759 публикации и 4.292 корисници една година претходно.

Извештајот препорачува натамошно развивање на непосредниот отворен пристап до јавно финансирани научни публикации, националната инфраструктура и споделувањето научни податоци.



Слични Објави