| |

Бугарскиот атлетичар Божидар Сар’бојуков е прв во светот во комбинација на три скокачки дисциплини

Бугарскиот атлетичар Божидар Сар’бојуков е рангиран на првото место во светот на сите времиња во комбинацијата на скок во височина, скок во далечина и троскок, според споредбената табела на Светската атлетика, јавува БНТ.

Пласманот го објави специјализиран атлетски профил на социјалните мрежи, врз основа на табелата на бугарскиот инженер Божидар Спириев.

Во 2026 година Сар’бојуков го подобри националниот рекорд на Бугарија во скок во далечина на 8,49 метри. На националното првенство во сала оствари лични рекорди и во скок во височина со 2,28 метри и во троскок со 16,61 метри. Со овие резултати собра 3.529 бодови во трите дисциплини.

Сар’бојуков, кој го тренира Димитар Карамилфов, започнал со скок во височина, во која во 2022 година освоил сребрен медал на Светското јуниорско првенство во Кали. Во 2023 година освои сребрени медали на Европското првенство до 20 години во скок во далечина и троскок.

На второто место во рангирањето е Американецот Ерик Волдер, а трет е шведскиот олимписки и светски шампион во троскок Кристијан Олсон. Меѓу најдобрите 20 се и актуелните светски рекордери Џонатан Едвардс и Мајк Пауел, како и деветкратниот олимписки шампион Карл Луис.

Слични Објави