Од програмер до шаховска сензација – Ѓулгеров: Играм од задоволство, ме радува што шахот и Бугарија станаа попопуларни
Бугарскиот шахист и стример Волен Ѓулгеров, кој го победи повеќекратниот светски шампион Магнус Карлсен на онлајн турнир, изјави за БГНЕС дека победата ја остварил по решавачка грешка на норвешкиот шахист. Тој нагласи дека најмногу го радува вниманието што неговиот успех го привлекол кон шахот и кон Бугарија.
„Чувството е единствено, сè уште мислам дека сонувам. Се гордеам што шахот стана попопуларен и што Бугарија стана попозната. Но не сум горд на играта — одиграв слабо, не го надиграв“, рече Ѓулгеров.
Дуелот се одиграл на турнирот „Chess Club Showdown“ на платформата Chess.com. Според Ѓулгеров, на турнирот учествувале околу 4.000 играчи, а тој случајно бил спарен со Карлсен уште на почетокот.
„Бев во загубена позиција, немав речиси никакво време, а тој играше страшно брзо. Но направи кобна грешка во еден потег. Јас само ја искористив и победив“, изјави тој.
Неговата реакција, при која од радост си ја скинал маицата, привлекла големо внимание на социјалните мрежи. Како што рече, видеото што го објавил на Инстаграм по партијата достигнало три милиони прегледи, а снимки од дуелот и од неговото славење споделувале и луѓе надвор од шаховската заедница.
„Огромната радост дојде повеќе од тоа што играв против него, бидејќи тој е мој идол. Многу е мала шансата да се соочиш со него“, објасни Ѓулгеров.
По победата се повлекол од турнирот, бидејќи, како што наведе, бил премногу возбуден и почнал да снима видеа.
Ѓулгеров почнал да игра шах на десетгодишна возраст. На 17 години се откажал, оценувајќи дека неговиот тогашен рејтинг од 1.900 ЕЛО-поени не бил доволен за професионална кариера. Се насочил кон образованието и работел како програмер, а на шахот му се вратил на 22 години, со намера да стане стример.
„Како мал сакав да станам светски шампион. Кога пораснав, сфатив дека тоа не е за мене. Јас сум аматер кој сака да ги забавува луѓето, играм шах од задоволство“, рече тој.
Неговата сегашна амбиција е да изгради кариера преку шаховски преноси и видеа на интернет.
„Сакам да бидам најдобриот стример во светот, тоа е мојот сон. Знам дека е речиси невозможно, но докажавме дека невозможното може да стане возможно“, изјави Ѓулгеров.
Во интервјуто зборуваше и за „Alien Gambit“, шаховски гамбит за кој вели дека го создал на 25 септември 2023 година. Според него, одиграл околу 160.000 партии на Chess.com, што му овозможило да испробува различни потези и нестандардни идеи.
Ѓулгеров појасни дека против Карлсен не победил со тој гамбит. Наведе и дека претходно го победил велемајсторот Левон Аронјан со друг, помалку познат гамбит што самиот го осмислил.
„Она што ме радува е што шахот стана попопуларен и што јас конечно, фала му на Бога, добив некакво признание“, рече Ѓулгеров.
