Милошев: Нема ништо скриено во договорот со Грција за останките на цар Самуил
Нема ништо скриено или тајно во договорот со Грција за предавањето на посмртните останки на цар Самуил и црковните предмети што ги предава Бугарија, изјави бугарскиот министер за култура Евтим Милошев за БНТ, пренесува БГНЕС. Тој нагласи дека меѓу предадените предмети нема ниту еден од Охрид.
На прашањето дали постои можност Бугарија во иднина да ги побара назад предметите, а Грција да ги преземе останките на цар Самуил, Милошев одговори:
„Нема таква можност. Не е тоа духот на договорот. Нема ниту скриени договорености, ниту има претпоставки за некакви очекувања. Ова е договор што се однесува токму на оваа размена“, изјави министерот.
Според него, договорот пред сè уредува културно, етичко и историско прашање.
„Ова е договор кој пред сè уредува едно културно, едно етичко, едно историско прашање. Овие мошти, овие посмртни останки, за нас Бугарите се бесценети. Тие имаат историска, емоционална и национална вредност. Овие артефакти, или таканаречена црковна утвар, тоа се предмети кои пред сè се за црковна служба, се бесценети и се емоционално поврзани со грчката историја и со Грците. Односно, ова е една праведна размена на историски вредности. Ова не е трговска зделка. Не е трговска зделка во која треба да оценуваме колку е големо, колку е тешко, каква номинална вредност има или што и да е друго.“
Милошев беше категоричен дека сите предадени предмети потекнуваат од територии што денес се наоѓаат во Северна Грција и дека меѓу нив нема предмети од Охрид.
Тој додаде дека од раководството на Националниот историски музеј бил замолен да појасни дека во каталогот на музејот, кој се цитира на социјалните мрежи, на крајот посебно се споменуваат „предмети“.
„Тоа се предмети од Северна Грција кои се пренесени во Бугарија. Денес тие се враќаат на местото каде што се создадени. На овие предмети, кои лично ги видов со свои очи, има грчки натписи во кои се споменуваат дури и архимандритот и митрополитот кои биле дел од тој манастир каде што се создадени. Тоа се предмети кои имаат своја вредност таму каде што се наменети да служат. Тие се свештени предмети, свети предмети, затоа што учествуваат во свештени служби.“
На прашањето на БНТ: „Но, нема ништо, ниту еден предмет од Охрид?“, Милошев одговори:
„Нема.“
