| |

Сенката на цар Самуил

Владимир Перев

1.  Минатата седмица два настани го свртеа вниманието на европската и светската јавност кон Балканот – посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на земјите од Западен балкан, кандидати за членство во ЕУ и пренесувањето на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил од Солун во Софија. 

Допрва ќе се разгледуваат и опсудуваат резултатите од посетата на фон дер Лајен на балканските земји, но во однос на Северна Македонија, таа во Скопје беше конкретна и јасна – треба да се исполни договореното, односно да се внесат бугарите во Уставот на РСМ за да отпочнат преговорите и советот даден на политичарите и дека треба да се има контакти и разговори со претставници на бугарската влада и власта воопшто. За внесувањето на бугарите во Уставот на РСМ, македонскиот премиер полугласно го изрази своето незадоволство, но советот за контактите веднаш беше прифатен, упатена е покана до министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова Чамова за директни разговори со македонскиот министер Тимчо Муцунски. Последните вести велат дека поканата е прифатена, во одреден формат на посетата и разговорите. 

2.  Сите познати светски агенции како АФП, ББС и ред други, целата светска јавност, со невиден интерес го следеше најголемиот настан во последниве триесетина години на Балканот-преносот на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил, од музејот во Солун, до црквата “Св. Софија“ во Софија. Владетелот на Првото бугарско царство беше пренесен во Софија со великолепна церемонија. На последното испараќање во Солун, говореа премиерите на Бугарија и Грција, Радев и Мицотакис, а авионот со посмртните останки беше ескортиран од границата на Бугарија до Софија, со авиони на бугарското воено воздухопловство. Стотици илјади луѓе од цела Бугарија, заедно со бугари од дијаспората, вклучувајќи ги и бројните македонски бугари, организирано ја следеа поворката, за конечно сите да се соберат, прво на плоштадот Батенберг, а потоа и пред и во храмот “Св. Софија“. Во саркофаг од прилепски мермер положени се неговите останки во црквата, која била сведок на неговото време. За време на заупокоената литургија покрај бугарскиот патријарх Даниил служеа и двајца протоѓакони со особено интересни корени – Дејан Коруноски, роден во Прилеп и Иван Петков, роден во Истанбул и потомок на цариградски Бугари. Асоцијациите беа јасни – Патријархот роден во Бугарија, протоѓаконите, едниот роден во Прилеп, Вардарска Македонија, а другиот роден во Цариград, веројатно по потекло од Егејска Македонија или Источна Тракија. Тоа беше пример за вечните амбиции за духовното единство на бугарското племе. Амбициите на Светата Екзархија и патронатот под сенката на цар Самуил. 

3.  “Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова ќе има билатерална средба со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8, кој в четврток ќе се одржи во Софија.“ Тоа е најмногу што го знаеме, барем до моментот кога го пишувам текстот, понеделник навечер. Тоа е и атмосферата на која ќе наиде Муцунски. Високо ниво на самочувствие на бугарскиот човек, општа свест за признат државен континуитет повеќе од 1300 години, материјална и финансиска благосостојба на бугарското општество, како и зголемен интерес за духовното наследство на сопствениот народ. И тука воопшто не се важни вештините, умеењата и знаењата на нашиот министер за надворешни работи. Тука решава бугарската страна, а во овој момент се сомневам дека има некој, не само во бугарското МНР, туку и во целото бугарско партиско живеење на протипоставени партиски интереси, кој на Муцунски ќе му потпише, дури о дозволи, да развива тези за “многувековниот македонски идентитет, многувековниот јазик и нација“! Ако и самата Урсула фон дер Лајен кажа дека внесувањето на бугарите во Уставот на РСМ е неопходност, тогаш уште помалку има логика да се говори за некакво “одложено внесување“ на бугарите. Бугарската заедница во РСМ нема да дозволи, под името на некаква “одложеност“, да биде заложник на хировите на владеачката врхушка овде. Впрочем, таков мандат и во самата Бугарија нема никој за да потпише таква формулација…тоа е против усвоените позиции на бугарскиот Парламент и единството на партиите по однос на правата на македонските бугари. Таквото релативизирање на историјата и пристапот кон фактите, скриени под превезот на некаква “мултиперспективност“, нема да може да помине. Останува само голата надеж дека некој силен “од страна“ ќе влијае на бугарското раководство, ама тоа е само надеж на жедниот во пустина. 

Муцунски е тука немоќен. Тој ќе ја има несреќата, неговата посета, без обзир на нејзината добронамереност или не, да помине под сенката на цар Самуил, под сенката на оној кој владеел со речи си цела Македонија и дел од Бугарија и Грција, во името на неговата сопствена етничка-бугарска припадност, во името на Бугарија како единствената сила во тој момент на историјата, која се спротиставила на семожната империја Византија. 

Урсула фон дер Лајен е реалност и македонските надежи во таа смисла се реални…цар Самуил е реалност која се претворила во мит. А реалноста никогаш не успеала да ги надвладее митовите! 

Слични Објави