| |

Бугарскиот премиер Румен Радев: Конкурентноста на ЕУ бара одржливи инвестиции во технологиите, иновациите и гарантирање на безбедноста

Пристапите за обезбедување одржливи инвестиции во технологиите и иновациите како фактор за развој и раст во Европа, во контекст на дебатите за усвојување на новата Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, беа тема на средбата во Советот на министри меѓу премиерот на Бугарија, Румен Радев и извршната потпретседателка на Европската комисија Хена Виркунен. На средбата учествуваа вицепремиерот на Бугарија, Атанас Пеканов и министерот за иновации и дигитална трансформација Иван Василев.

Во текот на разговорот беа разгледани можностите за поттикнување на развојот на малите технолошки компании во Европа и зајакнување на нивната конкурентност. Премиерот Радев истакна дека по години на запоставување, во Бугарија повторно расте интересот за инженерските студии, како и за оспособување стручњаци во секторот за вештачка интелигенција.

„Конкурентноста на секоја земја членка и на самата ЕУ бара инвестиции во високите технологии, во иновациите, како и да ја гарантираме нашата безбедност“, нагласи премиерот Радев. Според него, напорите на Бугарија да инвестира во создавањето и одржувањето на ИТ-екосистемите во земјата и во развојот на фабрики за вештачка интелигенција се во согласност со стремежот да се надомести заостанувањето во овие области во последните години.

Румен Радев нагласи дека достигнувањата во високите технологии и во развојот на вселенските истражувања бараат не само финансиски вложувања, туку и инвестиции во обуката на кадри и обезбедување конкурентна средина за нивниот развој. Премиерот истакна и дека земјата секоја година ги докажува способностите на младите бугарски таленти, кои освојуваат врвни места на олимпијадите по математика, физика и астрономија.

Во текот на разговорот Румен Радев и Хена Виркунен го разгледаа и прашањето за безбедноста во Црното Море. Премиерот ја запозна потпретседателката на ЕК со истрагата за нападот врз двата трговски брода погодени со дронови во исклучивата економска зона на Бугарија. Тој ја нагласи потребата од технолошка помош од специјализираните организации на ЕУ, особено за длабоководното истражување на потонатиот брод, за да се утврдат сите факти и да се пронајдат остатоци од дроновите употребени во нападот.



Слични Објави