ИКОНИТЕ НА ДИЧО ЗОГРАФ НА ИЗЛОЖБА ВО МАНУ
По повод двестегодишнината од раѓањето на Дичо Зограф (1819-2019), вечерва, во 19 часот, во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите ќе биде отворена изложба на негови икони. Изложбата ќе ја отворат претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, и Сашо Цветковски, научен советник од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ.
Изложбата ќе биде отворена до 26 октомври, ќе содржи 25 икони и десет репродукции, главно од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Сенци, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци.
Дичо Зограф за нецели три децении, помеѓу 1840 и 1868 година, остварува импозантно дело со приближно две илјади икони и десетина фрескоансамбли, облагородено со автентична креативност, симбиоза на традиционалното и новото, традиционалното поствизантиско и новото, современото барокно сликарство – истакна Сашо Цветковски, долгогодишен истражувач на творештвото на Дичо Зограф .
