Бугарија и ФК „Барселона“ разговараат за соработка во развојот на бугарскиот фудбал
Бугарскиот министер за млади и спорт Енчо Керјазов беше во официјална посета на Барселона, на покана на истоимениот фудбалски клуб. Во рамките на посетата тој одржа средби со претставници на ФК „Барселона“ и ги посети седиштето на клубот и тренинг-центарот на академијата „Ла Масија“. Во делегацијата беше и шефот на кабинетот на министерот, Дамјан Најденов.
Беа разгледани неколку главни области на соработка, меѓу кои поддршка за развојот на фудбалот во Бугарија, приспособување на практиките на „Ла Масија“ во детскиот и младинскиот фудбал, како и размена на искуства во селекцијата на таленти, тренерската методологија, спортската наука и медицина. Меѓу разгледаните можности беа и годишни курсеви за тренери и стручњаци преку Barça Innovation Hub (BIHUB), како и консултации за управувањето со фудбалските структури и развојот на спортската инфраструктура.
Посетата е продолжение на разговорите започнати во јули во Бугарија, кога претставници на ФК „Барселона“ му претставија на министерот Керјазов концепт за четиригодишна програма за развој на бугарскиот фудбал. Оваа посета е следен чекор кон конкретизирање на можностите за идно партнерство.
Во рамките на посетата, министерот Керјазов присуствуваше и на „Ел Класико“ меѓу ФК „Барселона“ и „Реал Мадрид“.
