Бугарски вина беа претставени на канадскиот пазар
Десет избрани бугарски вина беа претставени на дегустација во Амбасадата на Бугарија во Отава пред канадски сомелиери, увозници и консултанти од винската индустрија. Настанот се одржа на 14 октомври 2026 година, јавува БНР.
Меѓу присутните беа и консултанти од Одборот за контрола на алкохолни пијалаци во Онтарио (LCBO), агенција надлежна за продажба и дистрибуција на алкохолни пијалаци во оваа канадска провинција.
На дегустацијата беа претставени вина од сортите мавруд, гамза, широка мелничка лоза, сандански мискет, димјат и мускат отонел.
Настанот вклучуваше мајсторски час и беше дел од иницијативата „Од подрумите на амбасадите“ на канадската компанија „SommWise Inc.“, во соработка со Британи Сабурин, сомелиер во еден од 100-те најдобри ресторани во Канада.
Гостите се запознаа и со историјата на винарството во Бугарија, винските региони и актуелната состојба на бугарската винска индустрија.
