| |

Карлос Насар по четвртата светска титула: Победата ѝ ја посветувам на цела Бугарија

„Чувствувам огромна радост и ја чувствувам љубовта на луѓето кон мене, чувствувам како спортот обединува. Отсекогаш сум знаел каква е улогата на спортот во општеството, но сега го чувствувам и сопствениот придонес во тоа и сум многу горд“, изјави Карлос Насар, кој се врати во Бугарија откако ја освои својата четврта светска титула, јавува БНТ.

Тој повторно докажа дека е меѓу најголемите ѕвезди во светското кревање тегови. Бугарскиот феномен ја освои четвртата светска титула во кариерата, триумфирајќи во двобојот во категоријата до 95 килограми во Нингбо, Кина.

Дваесет и двегодишниот спортист го заврши натпреварувањето со импресивен резултат од 415 килограми, откако претходно постави и нов светски рекорд во дисциплината извлекување.

Насар беше пречекан како херој на аеродромот „Васил Левски“ во Софија.

„Свесен сум колкава одговорност е тоа и се надевам дека достојно ќе ја претставувам Бугарија и дека на овие луѓе ќе им носам само радост и сила“, изјави Насар.

На прашањето по што оваа титула се разликува од претходните, тој одговори:

„Различна е затоа што имав многу нови конкуренти во категоријата и требаше да ја одбранам пред нив. Моите стари конкуренти на некој начин веќе беа престанале да се борат со мене, да ми се спротивставуваат. Го покажав својот карактер и дека Бугарија не заслужува ништо помалку од првото место.“

Насар зборуваше и за тоа како ги надминал проблемите што ги имал пред заминувањето.

„Успеав да ги надминам со многу тешкотии. Фала му на Бога, еден месец претходно веќе бев здрав и бев почнал да закрепнувам. Само тоа што знам кој сум, само карактерот и волјата ми помогнаа да се справам со сето тоа“, изјави светскиот шампион.

„Победата ѝ ја посветувам на цела Бугарија, бидејќи тоа се луѓето што ме поддржуваат и ми помагаат да одам напред. Исто така, и на мојот тренер, кој, како што знаеме, веќе не е меѓу нас. Не сакам неговото име да биде заборавено – Илијан Илиев“, сподели тој.

Слични Објави