| |

Бугарска делегација положи венци и цвеќе пред воените споменици во Дреново и Беранци и на воените гробишта во Прилеп

Бугарската делегација, предводена од заменик-министерката за одбрана Катерина Граматикова, положи венци и цвеќе и пред спомен-плочата на бугарските војници загинати во периодот 1914–1918 година на воените гробишта во Прилеп, каде што се погребани и австроунгарски, германски, романски, руски, турски, српски и албански војници. Делегацијата положи венци и цвеќе и пред споменикот на 193 бугарски офицери и војници во близина на селото Дреново, Општина Кавадарци, како и пред споменикот на загинатите бугарски офицери и војници во дворот на црквата во селото Беранци, Битолско, јавува БТА.

Во делегацијата беа Људмил Михајлов, директор на Дирекцијата за социјална политика и политика за военопатриотско воспитување при бугарското Министерство за одбрана, Станислав Генков, државен експерт во истата дирекција, бригадниот генерал Станчо Кајков, началник на Националниот воен универзитет „Васил Левски“, полковникот Георги Георгиев, началник на Централниот воен округ во Бугарија, и потполковникот Дилјан Петров, заменик-началник на штабот на Централниот воен округ.

Ним им се придружија заменик-амбасадорот на Бугарија во Скопје Владимир Христов, генералниот конзул на Бугарија во Битола Петар Петров, бугарскиот воен аташе во Скопје, полковникот Асен Ламбев, и помошникот на воениот аташе, мајор Дијана Дашева. Учествуваа и дипломати од бугарските мисии во Северна Македонија, питомци од Националниот воен универзитет „Васил Левски“, како и членови на Сојузот на воените ветерани на Бугарија, предводени од потпретседателот, резервниот полковник Петар Пандурски.

За време на Првата светска војна, повеќе од 20 месеци кај селото Дреново функционирала резервна евакуациска болница на Осмата пешадиска тунџанска дивизија. На гробишните парцели околу болницата и во црковниот двор се погребани вкупно 432 бугарски воени лица, починати од рани или болести. Во 1916 година бугарската држава поставила на тоа место две камени пирамиди и спомен-обележја.

По Нејскиот договор, регионот станал дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна Југославија. Според архивите на Министерството за одбрана на Бугарија, гробовите биле затрени и уништени во триесеттите години на минатиот век, а останале зачувани две спомен-обележја во околината, меѓу кои и гранитниот обелиск со крст во спомен на 193 војници. Споменикот бил исчистен и обновен од здружението „Плиска“ во 2009 година.

Бугарскиот воен споменик во дворот на црквата „Св. Атанасиј“ во селото Беранци е автентичен камен обелиск, посветен на бугарските војници, подофицери и офицери од Осумдесет и првиот пешадиски полк, дел од Единаесеттата пешадиска македонска дивизија, загинати во жестоките борби за време на Првата светска војна, во периодот 1916–1918 година.

На четирите страни на споменикот се испишани имињата на загинатите војници, меѓу кои има и Бугари од тетевенските села и припадници на различни етнички групи од Трговишко, кои се бореле во составот на бугарската армија. Споменикот бил повторно пронајден и исчистен во 2010 година, кога пред него, првпат по речиси еден век, била организирана официјална бугарска воена и црковна церемонија со оддавање почести.

Воените гробишта во Прилеп, каде што се погребани и австроунгарски, германски, романски, руски, турски, српски и албански војници, се наоѓаат на рид на периферијата на градот. Првично биле основани од германската армија во 1916 година за загинатите на Солунскиот фронт, а во 2009 година биле целосно обновени под покровителство на германската организација „Народен сојуз“ (Volksbund).

На гробиштата се погребани вкупно 43 бугарски војници и офицери, заедно со повеќе од 1.600 Германци, Австријци, Унгарци, Романци и Албанци. Со поддршка на бугарското Министерство за одбрана, при обновувањето во 2009 година била обновена и бугарската парцела. Бугарските гробови се обележани со бели мермерни крстови, а поставена е и спомен-плоча со имињата на загинатите.

Сојузот на воените ветерани на Бугарија ѝ додели на заменик-министерката за одбрана Катерина Граматикова, како и на други членови на бугарската воена делегација, спомен-обележја „110 години од славните победи на Бугарската армија во Првата светска војна“.

Делегацијата положи венци и цвеќе во име на министерот за одбрана, началникот на одбраната, Амбасадата на Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Сојузот на воените ветерани на Бугарија.

Пред споменикот во селото Беранци беа положени венци и во име на градоначалникот на Омуртаг, во спомен на редовот Јусеин Сулејманов Мехмедов, роден во Осман Пазар, како и во име на градоначалникот на Општина Врбица, во спомен на редовот Али Мустафов од селото Станјанци. Двајцата се погребани во Беранци.

Слични Објави