Турски ученици ќе го посетат бугарскиот научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“ во Анталија
Ученици од повеќе турски училишта денеска се очекува да го посетат бугарскиот научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“ (НИК 421), кој се наоѓа во пристаништето во Анталија по повод Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП-31), јавува БТА.
Членовите на екипажот ќе ги запознаат учениците со активностите на бродот за време на бугарските антарктички експедиции и со соработката меѓу бугарската и турската поларна програма. Бродот превезува товар за турската програма, поддржувајќи ги научните истражувања на островот Хорсшу, додека бугарски научници учествуваат во турските арктички експедиции.
Учениците ќе имаат можност да разгледаат и изложба на фотографии направени од учесници во бугарските антарктички експедиции.
Бродот исплови од Варна на 4 ноември, на својата петта мисија кон Антарктикот, во рамките на 35. бугарска антарктичка експедиција. Според планот, во Анталија ќе остане до 12 ноември, по што ќе го продолжи патувањето кон бугарската научна база „Св. Климент Охридски“ на островот Ливингстон.
