| |

Бугарскиот институт INSAIT започнува истражувања со вештачка интелигенција за откривање нови лекови и третмани

Бугарскиот институт INSAIT при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ започнува нова научноистражувачка програма што ќе користи вештачка интелигенција за проучување на промените во човечките клетки предизвикани од болести и за развој на нови лекови и методи на лекување, јавува БГНЕС.

Новата програма ќе ја предводи д-р Александрина Гоева, бугарска научничка која се враќа во земјата од Универзитетот во Торонто, каде што раководела со истражувачка група за машинско учење и пресметковна биологија. Претходно седум години работела во институтот Broad на Масачусетскиот технолошки институт (MIT) и Универзитетот Харвард.

Истражувањата ќе ги обединат вештачката интелигенција, математиката и биологијата, со цел порано откривање на промените предизвикани од болести и предвидување на реакциите на клетките на различни лекови.

Со анализа на големи количини биолошки податоци, научниците ќе се обидат да утврдат кои супстанции и комбинации имаат најголем потенцијал за лекување, со што би се надминале дел од ограничувањата на традиционалните лабораториски испитувања.

Гоева дипломирала применета математика на Софискиот универзитет, а магистрирала математика и докторирала статистика на Универзитетот во Бостон. Нејзините истражувања се објавени во меѓународни научни списанија, меѓу кои Science, Cell и Nature Biotechnology, и имаат повеќе од 7.200 цитирања според Google Scholar.

Таа е авторка и на методот за машинско учење HiDDEN, со кој се откриени претходно незабележани клеточни промени поврзани со развојот на рак на крвта и нарушувања на заштитната бариера на мозокот.

Слични Објави