Рекордни 541 ученик учествуваа на националниот натпревар по физика во Бугарија
Рекордни 541 ученик од цела Бугарија ги одмерија своите знаења и вештини на Есенскиот национален натпревар по физика во Софија, соопшти Министерството за образование и наука на Бугарија. Домаќин беше Националната природно-математичка гимназија „Акад. Љубомир Чакалов“.
Натпреварот опфати категории за ученици од VII до XII клас и категоријата „Специјална тема“, со задачи според програмата на Меѓународната олимпијада по физика. Учесниците решаваа сложени физички задачи, покажувајќи знаења и аналитичко размислување.
Меѓу победниците е Борис Диков од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“, кој како ученик во IX клас го освои првото место во категоријата за XI клас. Во категоријата „Специјална тема“ победи Мирослав Драганов, ученик во XI клас од гимназијата „Акад. Никола Обрешков“ во Бургас.
Учениците што ги освоија првите три места во секоја категорија добија награди и признанија од Министерството. Признанија добија и нивните наставници и ментори, за професионализмот и придонесот во развојот на младите таленти.
Според правилникот на натпреварот, признанија за „прва награда“ се доделуваат на првите 10 проценти од рангираните учесници, за „втора награда“ на следните учесници до границата од 20 проценти, а за „трета награда“ на следните до 30 проценти од рангирањето.
Освојувачите на првото, второто и третото место можат да стекнат право на стипендија според Програмата со мерки за заштита на деца со изразени дарби за соодветната календарска година, доколку ги исполнуваат пропишаните услови.
Во категоријата за VII клас победи Тодор Димитров од Националната природно-математичка гимназија „Акад. Љубомир Чакалов“ во Софија. Втор беше Јан Лилов од Приватната математичка гимназија во Софија, а трет Стојан Канчев од училиштето „Симеон Радев“ во истиот град.
Кај учениците од VIII клас првото место го освои Лачезар Томов од гимназијата „Акад. Никола Обрешков“ во Бургас. Втор се пласира Теодор Лалов од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“, а трет Бојан Бељашки од Математичката гимназија „Д-р П. Берон“ во Варна.
Во категоријата за IX клас победи Дамјан Русев од Приватната математичка гимназија во Софија. Второто и третото место ги освоија Михаил Станчев и Савина Василева од Националната природно-математичка гимназија „Акад. Љубомир Чакалов“.
Во категоријата за X клас прв беше Бижо Бижев од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“, втор Борис Пулев од Националната природно-математичка гимназија „Акад. Љубомир Чакалов“, а трет Виктор Анев од „Паисиј Хилендарски“.
Во категоријата за XI клас, по победникот Борис Диков, се пласираа Љубослав Красимиров Димов од Математичката гимназија „Баба Тонка“ во Русе и Дамјан Накев од Математичката гимназија „Д-р П. Берон“ во Варна.
Кај учениците од XII клас победи Јоана Паштрапaнска од гимназијата „Акад. Иван Ценов“ во Враца. Второто место го освои Росен Ангелов од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“, а третото Рајан Камаринчев од гимназијата „Д. Чинтулов“ во Сливен.
Во категоријата „Специјална тема“, по Мирослав Драганов, втор се пласира Јордан Петков од Американскиот колеџ во Софија, а трет Максим Босилков од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“. Сите тројца се ученици во XI клас.
