Детската вокална група „Магија“ од Пловдив ќе гостува во четири канадски града од 19 до 22 ноември
Детската вокална група „Магија“ од Пловдив ќе гостува во четири канадски града во рамките на турнејата од 19 до 22 ноември. Младите изведувачи ќе ги посетат Нијагара Фолс на 19 ноември, Торонто на 20 ноември, Отава на 21 ноември и Монтреал на 22 ноември. За претстојните концерти соопштија од Бугарската православна црква „Св. Иван Рилски“ на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.
Од црквата посочија дека младите изведувачи се добитници на признанија од натпревари по пеење и биле финалисти во телевизиското шоу „Бугарија бара талент“. Тие пееле заедно со познати бугарски поп-изведувачи и се трикратни победници во добротворното шоу „Како две капки вода за секое дете“, организирано во поддршка на УНИЦЕФ.
Од Бугарската православна црква „Св. Иван Рилски“ упатија покана до бугарската заедница и до сите заинтересирани да присуствуваат на музичкиот настан.
„Дојдете да ги поддржиме талентираните деца и да уживаме во бугарската песна“, повикаа од храмот.
Црковниот храм „Св. Иван Рилски“ е регистриран на 20 август 2002 година и е дел од Бугарската православна црква, под духовна јурисдикција на Бугарската источноправославна епархија во САД, Канада и Австралија. Во зградата на црквата се одржува настава на Бугарското неделно училиште „Свети Климент Охридски“, како и проби на детскиот хор и на групата за бугарски народни танци при училиштето.
Целта на бугарската црква во Монтреал и на училиштето, библиотеката и танцовите состави што дејствуваат при неа е да се зачуваат јазикот, историјата и традициите на бугарската заедница.
