ДОЖИВОТНА КАЗНА ЗАТВОР ЗА ДВОЈНИОТ УБИЕЦ ОД СТРУМИЧКО

Денеска Основниот суд во Струмица го осуди Марјанчо Велев (55) од струмичкото село Добрејци на казна доживотен затвор за извршеното второ убиство врз струмичанецот Александар Мицев, чие тело беше пронајдено во водите на браната „Турија“, јавува Плусинфо.

Него обвинителството го товараше за убиство извршено на 9 октомври 2018 година при што од зад грб пукал со огнено оружје калибар 5,6 милимитери со два куршима во главата на Мицев, а неговото тело беше пронајдено на 5 август лани.

Според обвинителството, осудениот Велев откако со убиениот склучил договор за купопродажба на недвижен имот, заедно заминале во село Добрејци за наводна исплата на парите во готово, по што искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата која оштетениот ја имал во него, со два куршума во главата го лишил од живот оштетениот Александар Мицев. Главата му ја завиткал во перница и стреч фолија, го ставил во метален резервоар и го фрлил на дното на езерото „Турија“.

Во образложението на пресудата судијката Марина Абрашева истакна дека го применила член 44 од Казнениот закон за утврдување единствена казна затвор од доживотен затвор, бидејќи осудениот најпрвин го убил Мицев, а потоа и вториот струмичанец, Ристо Иљашев.