Бугарската амбасадорка Гергана Караџова учествуваше на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на заштитата на критичната енергетска инфраструктура и на црноморските коридори
Безбедноста на Црното Море е неразделен дел од безбедноста на Европа. Заштитата на слободата на пловидбата, на критичната инфраструктура и на меѓународните трговски патишта е важна како за регионот, така и за глобалната економска и прехранбена безбедност. Тоа беа главните пораки во обраќањето на бугарската амбасадорка Гергана Караџова на седницата на Советот за безбедност на ОН, посветена на заштитата на критичната енергетска инфраструктура и на црноморските коридори.
Во своето обраќање, Караџова остро ја осуди руската агресија врз Украина, која сè уште трае, и предупреди дека влошувањето на безбедносната состојба во црноморскиот регион има сериозни последици кои се чувствуваат далеку надвор од подрачјата на борбените дејства.
Амбасадорката ја истакна стратешката улога на Црното Море за глобалната прехранбена безбедност. Регионот е еден од главните центри за извоз на жито и ѓубрива за ранливите заедници на Блискиот Исток, во Африка и во Азија. Преку своите црноморски пристаништа и транзитната инфраструктура, Бугарија продолжува да го олеснува извозот на украинско жито во рамките на европските коридори на солидарноста.
Караџова изјави дека Бугарија решително се спротивставува на употребата на храната и гладот како оружје. Таа нагласи дека слободата на пловидбата во Црното Море е темелен елемент на меѓународното право и на глобалната економска стабилност.
Посебно внимание им беше посветено на нападите врз трговски бродови кои продолжуваат во непосредна близина на бугарскиот и на романскиот брег, вклучително и во исклучителните економски зони на двете држави. Нападите ги загрозуваат животите на морнарите и имаат сериозни последици за снабдувањето со енергија, поморскиот транспорт, животната средина и прехранбената безбедност.
Бугарија нагласи дека поддршката за Украина треба да биде придружена со доследни дипломатски напори за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир, во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право. Беше истакнато и дека Европската Унија и нејзините земји членки треба да имаат позначајна улога во дипломатскиот процес, во тесна координација со Украина и Соединетите Американски Држави.
Во контекст на европската соработка во црноморскиот регион беше истакнато активното партнерство меѓу Бугарија и Романија, двете членки на ЕУ кои излегуваат на Црното Море. Нивните заеднички напори се насочени кон забрзано воспоставување и ставање во функција на Црноморскиот центар за поморска безбедност (Black Sea Maritime Security Hub), првиот водечки проект во рамките на стратешкиот пристап на ЕУ кон црноморскиот регион.
Центарот ќе придонесе за подобро следење на состојбата на море, заштита на критичната инфраструктура, справување со хибридните закани, зајакнување на отпорноста на регионот и подобрување на безбедноста на поморските трговски патишта.
На крајот од обраќањето, Караџова нагласи дека, со приближувањето на зимата, заштитата на цивилното население, отпорноста на украинскиот енергетски систем и обновата на критичната инфраструктура треба да останат непосредни приоритети на меѓународната поддршка за Украина.
