Поудобни седишта, места за инвалидски колички и нова сценска опрема во театарот „Софија“
Убава фасада со светлечки натпис, светло и пространо фоаје со дрвена ламперија и удобни седишта во салите. Вака театарот „Софија“ ја пречекува публиката по повеќегодишното реновирање, кое од темел го преобрази театарскиот простор во срцето на паркот „Заимов“ во бугарската престолнина, пишува 24 Часа.
Покрај обновениот изглед, театарот доби и современа сценска механизација, осветлување и озвучување.
Реновирањето почна во пролетта 2022 година и се одолжи на четири години. За тоа време театарот продолжи да работи, а ансамблот одигра десетици претстави на сцените на други театри во Софија и низ Бугарија.
„Актерите многу сакаа да се вратат во својот дом. Им беше тешко без постојана сала – четири години одржуваа проби на различни места и постојано беа на турнеја. Тоа е исклучително напорно и за сценските екипи и за актерите“, раскажува за „24 часа“ Стефан Иванов, кој во август годинава ја презеде функцијата вршител на должноста директор на театарот по пензионирањето на Иринеј Константинов.
Зградата „блеска“ уште однадвор. Поставен е светлечки натпис со логото на театарот „Софија“. Фасадата е исчистена и го задржа својот изворен изглед, со облога од природен камен во боја на песок и со сите препознатливи украси. Во потоплите месеци пред главниот влез ќе бидат поставени сцена за претстави и столови за публиката.
Обновена е и патеката што минува покрај театарот. Поставена е вертикална подигнувачка платформа за инвалидски колички, која води до влезот за камерната сцена. „Има рампа што ја користат лицата со отежнато движење. Во салата се предвидени места каде што можат удобно да се сместат. Тоа ни е многу важно, бидејќи во многу театри нема такви услови“, вели Стефан Иванов.
Реновирана е и отворената сцена „Арена“, која се користи главно во потоплите месеци. За разлика од затворените сали, тука седиштата се распоредени амфитеатрално околу просторот за игра на отворено. Првичниот проект предвидувал сцената да се покрие со стаклена пирамида, но подоцна се отстапило од тоа решение и просторот останал отворен. Таму ќе се одржуваат претстави, перформанси и изложби.
Внатрешноста е обновена според првичниот архитектонски план. Реставрирани се и препознатливите гипсени тавани во фоајеата. Заменети се покривот, прозорците и вратите, како и системите за греење и климатизација и водоводните, канализациските и електричните инсталации.
