Бугарската европратеничка Пенкова: Бугарија е пример во Европа за складирање енергија во батерии
„Бугарија се посочува како пример за цела Европа во областа на батериските системи за складирање енергија“, изјави за Бугарската национална телевизија (БНТ) Цветелина Пенкова, европратеничка од Бугарската социјалистичка партија и членка на групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент.
Според Пенкова, прописите и активното учество на индустријата овозможиле за кратко време да се изградат и да се приклучат на мрежата голем број батериски системи. Таа изјави дека овие системи го обезбедиле снабдувањето со електрична енергија во регионот летото, кога поради нискиот водостој на Дунав дел од нуклеарните централи биле исклучени.
Пенкова ја издвои слабата поврзаност со електропреносните мрежи во другите делови на ЕУ како главна причина за разликите во цените на струјата. Таа учествува во преговорите за европската регулатива за електропреносните мрежи, која, според неа, треба да му овозможи на регионот пристап до поевтина струја во текот на целата година. Според Пенкова, во следниот седумгодишен буџет на ЕУ се предвидени петпати повеќе средства за поврзување на мрежите.
Пенкова зборуваше и за предложената регулатива на ЕУ за безбедност на децата на интернет, за која ќе биде главна преговарачка во Комисијата за индустрија, истражување и енергетика на Европскиот парламент. Според неа, предлогот предвидува забрана за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 13 години, а за оние на возраст од 13 до 15 години се предвидуваат ограничени профили под целосна родителска контрола. Предложена е и забрана на алгоритмите што се насочени кон младите и создаваат зависност. Пенкова очекува регулативата да стапи во сила во 2027 година.
