ЗА МНТ И „ШВЕРЦЕРИТЕ“
МНТ и шверцери, замачкување очи, лицемерие, потценување на интелигенцијата на народот…
Министерството за култура молчи, директорката на МНТ не знаела ништо, не знае за каква намена го издава објектот (не објави барање, кој и го побарал и за која намена објектот, дали биле излажани, доведени во заблуда).
Артан Груби по којзнае кој пат се прави вицкаст, нити бил организатор, ниту пак гледа нешто проблематично што театар се претворил во стадион, со ниту еден збор не сака да признае дека местото на такви прослави не е во театар. Арбер Адеми мудро кажува дека радоста и славјето може да се изразат секаде, Бујар Османи срамежливо на Телма кажува дека можеби избпорот на местото бил несреќен, за ум за наредна прослава.
Ниту еден од нив тројца (заедно со многу аналитичари, новинари, експерти албанци) не виделе , не слушнале говор на омраза? За нив ништо не е повикот „Историја немате“!!! Се релативизира дека „немало штета“, а толку е јасно дека со самото однесување на навивачите во театарот, со самото такво прославување на такво место, во МНТ, штетата е веќе направена.
Одговорните во МНТ и во Министерството за култура треба да си одговараат, ако веќе се одговорни, Заев не треба само да го осудува однесувањето на навивачите, туку да побара одговорност. А сите, малку да се подзамислиме на крајот за значењето кое им го придаваме на навивачките групи, за тоа колку ги употребуваме како инструменти за подгревање на национализам, за говор на омраза, за создавање на конфликтни ситуации кои се премногу опасни за сите нас, кои живееме во Македонија.
Малку повеќе реалност и објективност од сите нас е уште како потребна. Очекував и моите пријатели албанци да бидат пореални, и барем еднаш, да заборават дека „Шверцерите“, „Балистите“, се албанци, како јас и многу мои пријатели кои ги знам кои ги критикуваме „комитите“ „Фалангата“, „Лозарите“, „Сејмените“…кога излегуваат од рамките на она што се навивачи, а си земаат за право дека имаат некоја според нив погоолема мисија, најчесто параван за нечии политички интереси.
Автор: Тони Михаилов, новинар

