Македонија во геополитички ко(к)тел
Падот на Берлинскиот зид, симболично, но и во реалниот живот отвори други перспективи и можности, за источнотевропските и балканските комунистички земји. Тежиштето на западната моќ, се повеќе се преместуваше на Исток, до границите на Рустија (СССР). Распадот на еднопартискиот систем и тоталитарните режими, распадна и мултиконфесионални, мултинационални федерации, како што се СССР и Југославија, а исто така, до мирно раздружување се одлучија и Чешка и Словачка, со што престана да постои заедничката држава Чехословачка. Економскиот и политички хаос, кој уследи по распадот на СССР, наглата приватизација, и распределба на брутодомашниот во самата Русија, отвори можности за превземање на доминацијата на Истокот од Европа, од воената НАТО алијанса, како и од Европската Унија. Па така, по децениски рефомири, од аспект на владеење на правото, почитување на човековите права, слободата на медиумите, изградба на пазарно општество, и воведување на демократски модел на владеење, некои поуспешно, некои помалку, сепак 8 централно и источно европски земји на 1 мај 2004 година, заедно со Малта и Кипар и се приклучија на Унијата. Летонија, Литванија, Естонија, Словачка, Полска, Чешка, Унгарија и Словенија, после само деценија и пол од падот на зидот, геополитички за 180 степени, ја сменија својата надворешнополитичка ориентација, и се оттргнаа од доминацијата на Москва. Неколку години претходно, сите тие, станаа дел од НАТО алијанската , со што го заокружија своето западно сојузништво.
Крвавиот распад на Југославија, етничките чистења и колежи, ги оневозможија наследничките на федерацијата, како и своите источни и централни соседи да напредуваат брзо и да се интегрираат во овие два најмоќни сојузи на светот. После приемот на Бугарија и Романија на 1 јануари во 2007 година, во ЕУ, а претходно и во НАТО, единствена земја, која се интегрираше во НАТО и ЕУ е Хрватска, со што како локомотива ( предводничка ) на Западниот Балкан, се одвои од останатите земји, оставајќи ги така, на „ шините“ кон нивниот евроатлантски пат. Нерешените односи меѓу Србија и Косово, демаркацијата на границата помеѓу Косово и Црна Гора, тешкиот две и пол децениски спор кој Грција го наметна кон Македонија, непризнавајќи го нејзиното име, и идентитетските одредници , попречувајќи го нејзиниот влез во НАТО и ЕУ, бавните реформи во Албанија, и комплексноста на системот на одржливост на Босна и Херцеговина, оставија простор „ руската мечка“, да заигра повторно на портата на Западниот Балкан. Освен Албанците, сите останати народи и држави од гореспоменатите имаат словенски корени и лингвистичка сличност со руските, и по линија на панправославието и пансловенизмот, будат чувства за блискост со Москва. Од друга страна пак, државните раководства, и анкетите во голема мерка, покажуваат трајно членство во западноевропските сојузи. После приемот на Албанија и Црна Гора во НАТО, Република Македонија, останува во една „ црна дупка“, составена од Србија, Босна и Херцеговина ( Република Српска) и Косово, во која српскиот интерес, и подредувањето на фигурите на шах полето , на балсканската геополитика ги влече официјален Белград, а во многу наврати и тој „ подземниот“. Српско- руските комбинаторики, наклонетоста на Москва кон Белград, од чист нејзин стратешко-геополитички интерес за поткусурување на реалните руски интереси на Кавказот ( Ерменија, Грузија, Азербејџан) и Истокот ( Украина, Белорусија и Молдова), можат да ја вовлечат Македонија во превирањето на балканскиот котел, во кој има многу „ зачини“. Подемот на Турција, во изминатите две децении, ја позиционираше оваа евроазиска земја, во крупен регионален и политички играч на Балканот , пред се во Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Македонија, односно онаму каде што има значително муслиманско население. Од друга страна пак, рубља патриотите во овие балкански земји, се обидуваат кормилото на официјалната политика да го свртат кон Москва, и кон евроазиски сојуз. Трансисториски, секогаш Македонија се наоѓала на средина на интересите на Големите сили, порано помеѓу Австро-Унгарија и Руската империја, денес меѓу САД (ЕУ) и Русија. Иднината,како и во минатото и денес е неизвесна , и само мудро државно раководство, и одлучни граѓани, можат да донесат вистински и правилни одлуки за трасирање на патот на просперитетот.
П.С
Времето ќе покаже , дали Република Македонија, македонскиот народ, и сите нејзини граѓани ќе го одберат патот на развојот и стабилноста, односно онаму каде што одамна се интегрираа народите и земјите од Источна и Централна Европа, или ќе остане последниот духовен казамат на Српската Православна Црква (СПЦ).
Автор: Благојче Атанасоски, историчар, М-р по политички науки
