| |

Вучиќ преку уцена создава движење за „народот и државата“

Пишува: Иван Николов, КИЦ Босилеград/БГНЕС

Во српскиот фолклор има една поговорка: „И мисирката не сака да оди на свадба, но ја носат печена“. Најверојатно десетици илјади српски граѓани ќе бидат натерани да отидат на митингот, што српскиот претседател Александар Вучиќ го организира на 12 април во 19 часот пред парламентот во Белград и на кој ќе го претстави своето ново Движење за народот и државата.

Имајќи предвид дека има многу малку луѓе кои доброволно би се одзвале на очајничките повици на Вучиќ да излезат на митингот, во општините во тек е присилна мобилизација меѓу вработените во јавниот сектор, корисниците на социјална помош и здруженијата кои реализирале проекти со државни средства.

Луѓето се притиснати со закани за отказ, раскинување на договорите за социјална помош и секакви уцени да се запишат на посебни списоци дека ќе одат на митингот, а ако не сакаат да одат да напишат објаснување зошто не сакаат. Слични тактики се користеа и во времето на југословенскиот диктатор Милошевиќ, но тогаш немаше потреба од насилство, бидејќи луѓето со задоволство одеа да му аплаудираат на човекот за кој веруваа дека ќе го наследи Тито.

Притиснат од петмесечните протести и немири кои се во тек, Вучиќ со сите сили се обидува да докаже дека се уште ја има поддршката од мнозинството српски граѓани и не бира никакви средства за тоа.

Според регионалните информативни портали во градот Лесковац, општинските градоначалници и партиските структури на партијата на Вучиќ вршат неподнослив притисок и уценување на вработените во општините, градските претпријатија и здруженија кои се финансираат со буџетски средства. Членовите на Српската напредна партија сакаат да мобилизираат 7.000 граѓани, кои на 12 април да бидат превезени со автобус до Белград. Се користат државни средства и автомобили, а се кршат уставните и законските одредби кои ги регулираат правата на претседателот Вучиќ, локалните власти и граѓаните. Ако се земе предвид дека цената за еден автобус од Лесковац до Белград е околу 1.000 евра, а од подалечните општини уште повеќе, сметката што ќе треба да ја платат граѓаните на Србија за последниот експеримент на Вучиќ е неподнослива. Притисокот врз лидерите на опозициските партии исто така се зголемува и на моменти ескалира во насилство.

Од морална гледна точка, граѓаните кои одат на митингот на Вучиќ мора да се соочат со сопствените деца, кои веќе пет месеци протестираат против владеењето на Вучиќ и прават натчовечки напори да го ослободат српското општество од стравот.

Во општините каде што живеат Бугари, во Цариброд и Босилеград, списоците се прават на ист начин според претходно поставените квоти „од горе“.

Во заедничкото соопштение потпишано од неколку опозициски партии во Цариброд се вели: „Локалната власт во Цариброд доби наредба да обезбеди присуство на неколку стотици наши сограѓани на овој собир. Вети дека ќе ја исполни одредената квота. Раководството на локалната СПП и директорите на локалните јавни претпријатија и институции веќе вршат притисок врз нивните службеници, нивните роднини, корисниците на социјална помош да се качат во автобусите и на 12 април да отидат во Белград и да бидат дел од настапот на Вучиќ“.

Со ништо поразлична не е ситуацијата во Босилеград. Иако нема официјални информации, се зборува за квота од 400 луѓе кои на 12 април по секоја цена морале да се качат во автобусите на пат кон Белград. А со оглед на тоа што во јужна Србија е тешко да се најдат толку автобуси, се зборува дека се вклучени и транспортни компании од Косово!?

Слични Објави