ВИДЕО: Заев: Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот
Во своето обраќање до јавноста, претседателот на Владата вели дека овој Закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“.
„Никој не е, и не може да биде над Уставот. Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и Амандманот 5, донесени пред 17 години, смета премиерот Зоран Заев. Во своето обраќање до јавноста, претседателот на Владата вели дека овој Закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“.
Заев во денешното обраќање до граѓаните повикува да се отфрлат политиките на поделби, раздор и конфликт и да се заокружат реформите.
Оваа наша и европска вредност ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори. Таа вредност, Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина. Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници, истакнува Заев.
Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, оценува премиерот, само се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите, а непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка.
Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието. Наместо тоа, време е сите ние, политичарите, да ја преземеме одговорноста што им ја ветивме на граѓаните и да ги заокружиме реформските процеси во Република Македонија. Време е за реформи и за економија, време е за развој на Македонија, во интерес на сите граѓани, истакнува премиерот Заев во своето обраќање до јавноста.

