| |

Ќе се сретнат ли државата, граѓанинот и животот ?

Анализирајќи ја состојбата во државава не е тешко да се заклучи дека тројството државата, граѓанинот и животот некако се разединуваат. Никако да се сретнат и да живеат заедно. Државава стана бојно поле на сите против сите и место каде раслојувањето на народот е по секоја основа, и по верска, и по национална, и по сексулана ориентација, па дури и по начин на исхрана… а за партиската раслоеност и да не зборуваме. Таа толку ја има што постоечките партии веќе и немаат фракции туку фракциите се доминантни и толку испарцелизирани што секој министер, секој директор па и ако сакате секој службеник си води своја политика, нормално раководејќи се од своите интереси и интересите на групата, фракцијата, која што ја застапува.

Наместо живот ние го растуривме и тој соживот што до сега го имавме. Некој локален „командос“ решава до каде може да функционира правната држава а до каде не. Тепа полициски службеници и демонстрира дрскост. Ја гази државата и сите нејзини постулати. Дали сака да стане пример за другите? Ако стане тогаш отиде се во …

Каде е Владата сега тука? Дали секој ќе одговара пред својот политички лидер и конечно ќе се одговара пред институциите на државата а тоа значи пред народот? На потег е Владата ! Ајде докажете дека за тоа што до сега само декларативно се залагате ќе го спроведете во пракса и народот ќе ви верува. Во спротивно џабе е цел овој лажен ПР и маркетинг кој повторно ни го сервирате како да сме во ран среден век.

Постојано трубите дека младите се иселувале од државата. Па како да не се иселуваат. Кој сака да гледа и да трпи постојана неправда и омаловажување? Кој сака да гледа и слуша како државата постојано потклекнува под глупоста и нецивилизацијата? Ако на ова се додаде и лошата економска состојба, катастрофалниот здравствен систем, образованието … вратите самите им ги отворате.

Што треба да е приоритет на една Влада? Каде е балансот?
Каде се граѓаните доколку ја изгубат државата? Чии се тоа граѓани кои ќе им ги гарантира тогаш нивните права? Од друга страна пак што доколку имаме само држава а граѓанинот едноставно исчезне? Па и држава без граѓани не бива.

И на крај животот…Каде е? Велат дошол, тука бил, а некои и го виделе… Исто како и чудовиштето од Лох Нес, но за разлика од нашиот живот тоа барем прави профит во околното гратче и носи туристи, нашиов живот само разочарува и ни троши, и тоа она најважното, ни го троши времето.

За живот време веќе нема, треба наместо да дојде ние самите да го побараме, а кој на каков начин сам нека си одлучи, но ова статус кво веќе не се трпи.

Автор: Горан Цветановски, член на ИК на ГДУ

Слични Објави