| |

Македонија е киднапирана држава

„Вистинскиот лидер не е во потрага по консензус, тој самиот е консензус“ – Мартин Лутер Кинг

 „Пратениците завчера, на итно свиканата седница, го изгласаа Законот за употреба на јазиците, што претседателот одби да го потпише“.

Ова е вест (објавена во весникот „Време“) на 06.08.2008 година кога на тоа „завчера“ Трајко Вељановски ги викнал набрзина пратениците од дома, ги извадил од влечки и од бањарки и итно (иако немало потреба од итност) им го плеснал да го гласаат Законот за јазици. На ден пред да почне годишниот одмор, во петок попладне, закон што претседателот Бранко Црвенковски одбил да го потпише. А опозицијата, СДМС, преку ликот на Радмила Шеќеринска тогаш изјавила (цитирам): „Немаме ништо против правата на сограѓаните, но ми пречи кога се крши процедурата и ваков закон се гласа во петок попладне без расправа“. Исто згрозен од прекршената процедура бил и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, познат македонски легалист.

Во едно друго „завчера“ во март 2018-та се донесе исто Закон за јазици. Исто надвор од процедура, но овој пат тој предизвика лавина жестоки реакции –  од протести, па се’ до палење на автомобили на пратеници, лепење на нивни фотографии како смртни непријатели на народот и предавници, па дури и повици за насилство итн. итн., иако и овој пат, барем според официјалните изјави никој нема ништо против неговата суштина, туку против прекршената процедура.

Ова е доволен вовед за да почнеме со ред во набројувањето на небулозите на врвниот македонски апсурд на постоењето и практикувањето на политиката, оти тоа што сега актерите си ги имаат сменето улогите и изјавите никако не е крај на пародијата.

Денеска, кога го читаме ова, заклучуваме дека единствено нешто што изненадува повеќе од енергијата со којашто граѓаните на оваа држава се колат меѓусебно на дневна основа за сите теми што им се сервираат, е тоа – колку долго истите ги паметат. Потрошената енергија е толку далеку од неопходната потребна меморија, што навистина ова е веќе невиден светски феномен.

Нема проект, закон со негова измена, дополнување, амандман, Буџет, реформа, партиски став, политички став, акција, субвенција, идеја, најава, ветување, реализација, посета на странски државник, посета на наш надвор, договор, седница на Владата и секоја на Собранието после коишто кај нас не се прогласува крај на светот. Се менуваат само експертите коишто ни кажуваат дека толку ни било, крајот дошол, зависно од тоа од  која страна нели, тој крај не’ спопаднал од таму шумолат и експертите. И вака е со децении.

Има само еден мал проблем – крајот никако да дојде, барем не оној што го чекаме – на она што навистина треба да заврши.

А тоа е така затоа што единствена област во којашто енергијата на македонскиот човек преку некаков чуден алхемиски процес се претвора во невидена апатија е криминалот. Па кога се работи за нечие дебело досие, тој е во состојба тоа лаконски не само да го прости, туку и сосема да го заборави, да го избрише од главата полна со „висока политика“, оти замислете само во Македонија постојат и владеат оксиморони како „добри криминалци”, односно такви коишто не‘ краделе и не‘ крадат, но, пусто ете ни прават мерак на душичката со некое поведение, согласно политичките ни очекувања.

Ова што во средата ни се случи во Собранието, со дрското носење на Законот за јазици надвор од секаква процедура со што борците за правна држава ги газеа нејзините остатоци од една страна, и со „револтот“ на опозицијата што денеска, само година дена откако замина како најкорумпираната политичка елита што некогаш владеела, во една невидена пародија бара принципи и процедура, од друга, е само последица на ова што го пишувам. А главната причина е токму фактот што нашиот човек повеќе од две децении одбива да ги испрати криминалците таму каде што им е местото и потоа да ги заборави. Еднаш засекогаш.

Затоа денеска веќе сигурно имате прочитано и нема потреба да пишуваме и да потсетуваме што СДСМ ветуваше дека нема или дека ќе прави во храмот на македонската демократија, или да вадиме текстови како ВМРО – ДПМНЕ прифатиле се‘ вклучително и ОВОЈ Закон за јазици кога се‘ уште си имаа надеж дека ќе си ја продолжат приказната со партнерите од Речица. На усвитените глави од која и да е страна ова денеска нема да може никој да им го објасни. Но, доволно ќе биде растоварени од партиската тежина, искрено да стават прст на чело, па да се замислат за неколку логични дилеми околу тоа кој е главниот проблем на македонската држава.

Ова што денеска го гледаме е само резултат на децениското одбивање да потрошиме грам енергија, барем половина од онаа што ја трошиме за сите останати теми – производ на мафијашкото практикување на власт, за со истото да расчистиме. Денеска се потврди дека клучниот проблем што ја загрозува иднината е тоа што за граѓанинот пред се’ е партијата, а дури потоа се законот, институциите, државата. Тој е подготвен на криминалците да им ги прости сите нивни незаконски активности, само затоа што се од „неговата“ страна. И токму затоа ние немаме принципи во политиката – од неа тоа денеска никој и не го очекува. Таа се сведува на борбата да се „зафркне“ противникот, по цена да се „зафркне“ и целата земја, на еден прост пазар, на една проста размена која веќе не е ни „quid pro quo“ туку е едно смешно „танте за кукурику“ каде што секогаш сите се победници и тие со тантето и тие што добиле кукурику, зависи само на која страна од тоа големо ништо се наоѓате и кој ви ја полни главата – дека токму вие сте победиле, додека во празнината се губат перспективите.

Затоа немаме систем и затоа не функционира ниту една единствена институција. Не се политичарите виновни, тие само ја користат оваа наша карактеристика, ние ги штитиме фатени како пијани за плот за нивната политика дури и кога е погрешна, наместо обединети да се договориме дека имаме една заедничка црвена линија а тоа е правото, правдата и одговорноста. А тие, политичарите, само си ги менуваат улогите.

И затоа одвратно е да се гледа како денеска поддржувачи на власта не гледаат ништо спорно во арогантното практикување  на моќ во домот на демократијата. Се носеше Закон што требаше да биде круна на демократските процеси. Немаше и не смееше да има причина, уцена, закана доволна за тој да биде донесен на овој начин. СДСМ беа должни не само пред своите гласачи туку и пред целото општество да ги отворат картите и јавно да кажат зошто е ова итање во провалија токму сега. Да бараат јавно од ДУИ да биде партнер, а не агресор. За атер на интеграциите што ги имаат во името. Да се препознае политичкиот момент и одговорност за земјата. СДСМ тоа не го сторија. И ова што го видовме не е политика, ова е пазар. Поважно, денеска сигурно нема (или – не смее да има) ниеден принципиелен Албанец кој е задоволен или чувај Боже горд на ваквиот исход. Горди се само оние на коишто ДУИ не им чинат, ама како што рековме им прават мерак на душичките кога од време на време ќе им повлечат потег согласно очекувањата. Тоа не е принцип. Тоа е политиканство. Исто така подеднакво одвратно и тажно е да се гледаат поддржувачите на опозицијата воодушевени од храброста на Господинот пратеник, а кои по сите правила на елементарниот разум мораа досега да сфатат дека еден од клучните проблеми на македонското општество е токму фактот што Никола Груевски денеска воопшто Е во Собрание. Кој да им објасни и како да сфатат овие луѓе дека ова е лоша глума и театар. Еве настрана тезите и аргументите за тоа како е донесен Законот за јазици во 2008-та, настрана амнестираните воени злосторници и признавањето на Косово на полноќ, не може да не е јасно дека ако ВМРО – ДПМНЕ сакаа навистина да има една суштинска расправа ќе поднесеа разумен број амандмани, се’ друго е деловничко насилство. Но, настрана и сето ова – зборуваме за осомничени за милионски проневери на државни пари. Со кој памет денеска во налетот на оправданите критики некој нив сака да ги „протне“ како каква било алтернатива, па уште гледаме револтирани објави полни со респект кон претседателот Иванов или кон „симпатичниот скромен дечко“ што појадува ѓеврече без јогурт. Па има ли поголем доказ дека ова општество не умее да расчистува? Како можеше да му се дозволи на еден Никола Груевски не само да создаде туку и да украде цело шоу во хаосот? Колку брзо забораваме.

Денеска е Март  2018-та година. Поминаа три години откако во „Бомбите“ слушнавме и дознавме и повеќе од што на еден разумен, свесен и совесен граѓанин би му било доволно за да заклучи со кого си има работа. Не умееме да расчистиме. Денеска е Март 2018 –та година, време кога се очекуваше дека најмалку енергија ќе се троши на нови злоупотреби на Буџетот, сомнителни тендери, нови и нови патни трошоци, партиски чауши – профитери… Не, не умееме да расчистиме. А на таа карта играат сите,  на нашиот заборав и кутра меморија. Толку сме очајни што доволен ни е еден знак, еден потег за ние да легнеме пред нозете на оние што до вчера не газеа. Затоа не‘ газат и новиве. И затоа ќе не‘ газат и сите во иднина. Ние не знаеме да расчистиме! И затоа еве ни го Амди Бајрам се‘ уште во Собрание, Лиле Поповска ни е главна еколошко – политичка ѕвезда, а како што слушаме и Љубчо Георгиевски имал намера да се врати во полн реформаторски сјај. Многу е просто – ние не знаеме да расчистиме.

И затоа најмал проблем за Македонија во овој момент е газењето на законите, небаре преку ноќ ова стана едно општество на легалисти и луѓе за коишто процедурите се свети. Македонија во моментов е во најсериозната криза од своето постоење. Има една киднапирана политичка игра и секојдневно се засилува чувството дека диктатот на непринципиелната политика, дефокусирачка од реалните и итно неопходни чекори, владее на сите страни. Власта не умее да расчисти и тоа е најголемиот страв, власта дополнително валка. И ова е проблемот, далеку поголем од проблемот од прекршените процедури. Власта не умее да расчисти со сопствените принципи, со своите редови, со кадрите од режимот наследени и уште пострашно назначени, и најбитно – со криминалците воопшто. Се’ друго е само последица.

А, за да биде покомплицирано, во меѓувреме, има некој кој и тоа како знае да расчистува и тоа се’ пред себе, се’ што му стои на патот. Ете го, седи во Мала Речица и на клучни датуми знае и да допатува во Скопје, па да се појави на работното место во Собранието. Тој расчистува како булдожер 15 години и токму тој ги диктира политичките процеси и во овој момент. Да не бидеме наивни, овој закон ќе поминеше секако. Горе – долу во истата форма. Или  зарем мислите дека драстично ќе се разубавеше преку амандманска расправа? Не. Оставете ја за момент формата, да навлеземе подлабоко. Значи факт е дека овој закон ќе поминеше ваков, каков што го стокмиле и наспроти критиките на експертите и познавачите. Зошто тогаш Али Ахмети инсистираше тоа да биде токму сега? Токму сега. Кога државата врие. Да, законот е многу битен, но токму затоа неопходен е консензус и еден разумен пристап. Ахмети запна тоа да биде сега. Кога Владата е среде крајно непопуларни преговори за клучна политичка тема надвор и кога е соочена со разочарувањето на граѓаните од бавниот процес на реформирање дома. Како да се објасни оваа позиција на премиерот од Речица? Зарем можно е тој да работи директно на штета на самата Влада!? Ахмети добро знае каков политички удар е ова за Заев во моментов. Па самиот Ахмети да си ги нарачаше милијардата амандмани немаше подобро да му легнат на рејтингот. Нели секогаш ги слушал странците? Ако странците од сите страни овој пат јасно порачаа дека овој Закон не е приоритет, кого тогаш слушаше Ахмети во оваа неповторлива прилика? Кој всушност му ја создаде?

И додека остануваат прашањата со чииштоодговори можеме само да лицитираме, останува и фактот дека ова е една киднапирана политичка сцена. Тука нема простор за игра. Има диктат, уцени, закани, страв, политиканство, калкулации, гола борба за власт. Нема визија, нема принципи, нема категорична решителност за развој и најбитно, нема обединетост кога се работи за стратешките национални интереси. Овие луѓе, што сме ги избрале да бидат лидери не се политички зрели, не умеат ни за кратко да ги остават плитките интереси настрана и да го проценат моментот за земјата. Секогаш некој од нив ја мати водата во клучен историски миг. Некогаш и сите заедно.  И затоа Македонија денеска се’ уште е киднапирана држава. И додека тоа не ви стане јасно, ќе се занимавате со процедури, со форми, со појавни облици, наместо со суштината, а таа е толку проста – Македонија е киднапирана држава. И не, не сме ослободени. Борбата е пред нас. Се’ додека дел од киднаперите се активни учесници, чинители но и ползувачи на власта на различни нивоа, слободата ја нема. А без оваа слобода никогаш ќе нема ниту правда… и дотогаш не смее да има ниту мир.

Автор: Катарина Синадиновска/Капитал/



Слични Објави