БИТОЛА РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ВО ЕДНОНАСОЧНА УЛИЦА
Од почеток ќе бидам повторно оној кој е против некој, на кој ништо не му чини, на кој се му смета… не Филипче, а и на сите околу тебе, за жал, таа е реалноста и мора да ја извитоперите за кабаетот да биде на некој друг. Секоја чест за вашата портпаролска улога цело ова време, но тоа и она “ЌЕ” не се доволни за справување со тоа што допрва следи.
Ве слушам и Ви се чудам… Битолската „Клиничка“ болница РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА КОВИД-19, во кој влегуваат Охрид и Струга, иако припаѓаат на југо-западниот регион, па ништо чудно и Дебар да го вметните… Ако не сте добро информирани во таа Клиничка болница на прсти се бројат респираторите и прашање е дали сите се исправни. Неколку одделенија функционираат со по 2-3 доктори специјалисти и во таа Клиничка болница имавте нефункционални тоалети за докторите. Голем дел од медицинскиот персонал сега се справува со пандемијата некаде низ Европа, а тој што остана тука го заштитивте како на мајтап со мајсторски маски и 2-3 пара заштитни ракавици или да се снајдат како знаат и умеат. Секоја чест за оние кои професионално ја исполнуваат својата должност и се на ниво на стручноста, но не заборавајте дека со последниот оглас вработувавте и такви со шалтерско искуство. Епа Филипче зошто тогаш само 35-те кревети се доволни за вашиот регионален центар? По се изгледа и вие како и вашата, да вашата м-р Наташа, а не нашата градоначалничка, сте многу „загрижени“ за Битола. Таа храбро се справи со две изјави и една дупка за дезинфекција на влезот од Битола која повеќе е празна од полна, а вие го решивте цел регион со еден „машки“ потег. Не е воопшто себично да се грижиш за колективното здравје на своите сограѓаните кои по некоја случајност добро се држат со бројот на инфицирани лица.
А впрочем кога ја барате таа солидарност од Битола како и многу пати во минатото, зошто не сте размислиле да возвратите со солидарност во распределбата на средства? Зошто со вашата одлука не донесовте и уредба за пренамена на средства за истата таа болница и град Битола?
И не е само тоа, зошто од Битола се бараше солидарност за регионална депонија за решавање на отпадот од Дебарца (по можност гратис повторно)?
Зошто од Битола се искористува енергетскиот потенцијал без никаков бенифит за граѓаните? Наместо финансиски олеснувања, бакшиш ни останаа загадениот воздух и рекордниот број на канцерогени, па изгледа и заразни заболувања. Зошто „загрижените“ лидери, една амбициозна министерка, нивните семејства и тие околу нив кариерите ги направија од систематскиот грабеж на РЕК и енергетскиот потенцијал на Битола, а за возврат добивме надменост и понижување? Едни од „најгласните“ битолчани во минатото за овие теми моментално се заменик министер за животна средина, генерален директор на АД ЕСМ и министер за локална самоуправа… но очигледно дека се добри само за кревање на прашина.
До кога оваа модерна „окупациска“ власт ќе ги „цица“ сите ресурси и намерно ќе ги уништува и опустошува пред се луѓето, нивната благосостојба и потенцијал?
Почитувани „загрижени“ доволно баравте, а и повеќе од доволно добивте од Битола, време е за двонасочна солидарност, време е за нов модел на финансирање бидејќи ова е неодржливо.
Автор: Благојче Трајковски, претседател на ГДУ-Битола

