ЦРНА СТАТИСТИКА: ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ПОРОДУВАЊА- ВО ПОСЛЕДНИОТ ПЕРИОД ПОЧИНАЛЕ 5 БЕБИЊА
Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство-Скопје информира дека во последните седмици е зголемен бројот на предвремени породувања.
Од 9 до 13 април починале пет предвремено родени бебиња. Од ГАК апелираат родилките и во периодот на справување со Ковид-19, смирено и без паника да се подготвуваат за среќен исход од бременоста. Од ГАК повикуваат доколку на родилките им треба психолошка поддршка да се јават на 078/378-766.
Поради смртта на петте предвремено родени бебиња во време кога земјава е пред очекуваниот пик од ширење на Ковид-19, а и поради тоа што клиниката е референтен центар за суспектни и позитивни родилки на кронавирусот, медицинската директорка на ЈЗУ У ГАК доц. д-р сци Викторија Јовановска побарала стручна помош од епидемиолог, интензивист педијатар и перинатолог кои ќе ја анализираат оваа состојба.
„Напомнуваме, засега не постои научен доказ дека трудниците и родилките имаат поголема чувствителност на Ковид-19, ниту пак дека се во поголем ризик од зараза. Кај родилките и трудниците со Ковид-19 дури и при евентуална зараза, не е посериозен текот на болеста во однос на општата популација. Што значи, овие категории жени треба да ги преземат истите мерки на претпазливост за избегнување на инфекцијата и да се грижат за себе во согласност со препораките за превенција од ширење на епидемијата кои важат и за секоја возрасна личност“, велат од ГАК.

