ВРАБОТЕНИТЕ ВО ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ УШТЕ ГИ ЧЕКААТ МАРТОВСКИТЕ ПЛАТИ
Од февруари повисоки плати ќе добијат специјалистите, наставниот кадар, општите лекари, медицинските лекари, здравствените соработници и помошно-техничкиот персонал. Ова беше најавата на министерот за здравство Венко Филипче уште на почетокот на годинава, дека платите на лекарите специјалисти ќе достигнат и 100.000 денари, но и покрај тоа што изминува втората половина на мај, повеќе од стотина вработени во Институтот за јавно здравје, се уште немаат земено плата ниту за март.
Извори на Фактор велат дека проблемот не е во тоа што нема пари за исплата на платите, туку проблемот е во систематизацијата во Институтот за јавно здравје. Ако податоците не се совпаѓаат со т.н. систем ХРМИС, кој е во надлежност на Министерството за информатичко општество, тогаш не може да се исплати месечниот приход на ниту еден вработен.
За ова, реакции имаше и во април, а тогаш министерот Филипче беше дециден дека сериозниот проблем со платите на епидемиолозите и останатите вработени во Институтот за јавно здравје, ќе биде решен за неколку дена.
