ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ НЕ ЗАВИСИ ОД ЛОКАЛНИТЕ ПАРТИСКИ ШТАБОВИ
Гледам дека изборната реторика започна не само кај првиот ешалон на партиите и нивните лидери, туку и на најосновно општинско ниво. Почнаа општинските организации и комитети да се натпреваруваат не само на темата кој е предавник, а кој патриот, туку и на лицитирањето за датумот на изборите. И како што позицијата ги најавува за крајот на јуни, така опозицијата бара есенски избори или најавува бојкот.
А сите знаеме дека веќе никој не добива со бојкот на избори. И тоа посебно во ваква ситуација кога листите на кандидати за пратеници се веќе усвоени во ДИК и кога секое непојавување на партиите на изборите веќе не ги доведува во прашање самите избори и нивните резултати. Тие ќе си бидат важечки поради излезноста на членовите и симпатизерите на другиот блок, како и на неопределените кои сепак сакаат да си го искористат своето гласачко право.
ДПМНЕ треба да си извлече поука од својата историја и далечната 1994 кога самите си се трансформираа во вонпарламентарна опозиција и четири години навиваа пред ТВ екраните и критикуваа дека никој за ништо не ги есапи. Сега како што се ослабени, немаат ниту можност за еден таков луксуз. Една ваква постапка и можат да ја заборават власта во наредните два изборни циклуси. На локално ниво и онака ги нема на мапата, па ќе си бидат on line опозиција и гол критичар на власта без можност да влијаат на државната политика.
СДС пак еднаш си поднесе листи на кандидати во 5 до 12. Сега си ја имаат научено лекцијата дека надвор од Собранието се само група на политичари, кои ниту општински ДУП не можат да сменат, така да со сите сили ќе притискаат изборите да бидат час поскоро.
Неспорно е дека избори ќе има и тоа по се изгледа кога позицијата ќе сака. А тоа ќе биде или 21 јуни што сега го гураат во преден план или друг датум што можеби меѓународната заедница ќе им го определи, како консензуален. Сепак, и двете партии до тогаш ќе си водат гола реторичка борба со јасен исход –избори во дадени околности при постоење на вирусот. Само што тогаш на денот на изборите на се ќе се заборави и се ќе се толерира, само да се дојде до власта и можноста и понатаму државава да си ја користат за тесни лични и партиски интереси. Значи пак ништо ново во однос на минатите 30 години.
Е сега и ние останатите се прашуваме-Дали тоа навистина ќе им се посреќи повторно? Или овие избори ќе бидат првите кога Македонија ќе биде прв избор, а не малите олигархиски групи кои себично си грабаат за себе. Сепак народот е последната инстанца што меродавно решава.
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово

