Официјална посета на министерот за надворешни работи на Украина, Н.Е. г-дин Павло Климкин на Република Македонија
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров денес беше домаќин на неговиот украински колега, Павло Климкин, кој престојува во прва официјална посета на Република Македонија.
На средбата, министрите разговараа за односите меѓу двете земји и можностите за натамошно унапредување на билатералната соработка, особено на економски план.
Министрите ја реафирмираа заедничката визија за побезбедна и постабилна Европа и меѓусебната поддршка и соработка во остварувањето на надворешно-политичките приоритети на двете земји.
Беше потврден интересот за унапредување на економската соработка, трговијата и деловните врски. Во тој правец, министрите ја потенцираа заедничката определба за што поскорешно потпишување на спогодба меѓу двете земји со која ќе се воведе безвизен режим за краткорочните патувања на граѓаните на двете држави, со што би се поттикнале и олесниле контактите меѓу двете земји.
На средбата беа разменети мислења и за европските и евро-атланските аспирации и интеграци на двете земји, како и за други актуелни меѓународни прашања.
