КАКО СЕ ВРШИ РЕГРУТИРАЊЕТО НА ТЕРОРИСТИ И ИМА ЛИ ТАКВИ АКТИВНОСТИ ВО МАКЕДОНИЈА?
Како се врши регрутирањето на терористите, има ли такви активности во Македонија? Каков е нивниот пат до европски земји? Која е улогата на жените во тероризмот? Постои ли опасност за Македонија?
Одговор на овие, и други прашања, прочитајте во интервјуто со проф. др. Владимир Пивоваров, експерт од областа на безбедноста.
Во својата богата кариера др. Пивоваров има работено во Управата за внатрешни работи Куманово, од 2002 до 2005 година бил раководител на Секторот за воена безбедност и разузнавање. Од 2005 до 2015 година е универзитетски професор во областа на безбедноста, а потоа работи како советник на министерот за внатрешни работи за прашања од областа на државната безбедност.
Моментално ја извршува функцијата Национален координатор за гранично управување.
Интервјуто е спроведено пред три месеци за потребите на дипломскиот труд на Никола Ивановски на тема „Тероризам и интернет регрутирање“.
Кога започнува за прв пат да се јавува тероризмот на просторот на Балканот и Македонија, според разузнавачките служби?
Уште од факултетот моите професори по безбедност имаа теза дека Балканот треба да биде мост на исламизмот кон Европа, но не на обичниот исламизам кој сите го признаваме, туку на радикалниот исламизам кој не е посакуван во ниту едно општество. Тогаш учевме за зелена трансферзала која почнуваше некаде од југот на Албанија, западна Македонија, се ширење кон Санџак, од Санџак кон БиХ, од таму кон Австрија и тоа време според проценката на разузнавачите беше дека тоа е тој зелен мост. Во тој период тие пенетрираа преку меѓународни хуманитарни организации, „Зелена полумесечина“ и други кои беа од арапски Емирати и Кувајт финансирани со цел преку наводна социјална помош на месно население, односно сиромашни групи кои тоа време им беа таргет да можат да пенетрираат на овие простори, да создаваат свои бази и се завршуваше со обуки, односно образување на оваа ранлива социјална категорија од тие времиња на Балканот со нивна едукација на претежно верски школи кои се организираа во Саудиска Арабија и не е тајна дека тогаш тие биле предмет на сите разузнавачки служби и на Балканот и на Западот.
Времињата покажаа дека тоа е еден испробан метод за пенетрирање за тие радикални организации и тогаш тоа беше поединечно, изолирани случаи, но по 90те години започнува со војните на просторот на поранешна Југославија, да пенетрираат пред се во Босна и Херцеговина со борците кои беа присутни на овие простори што и ние тоа по 10 години го почувствувавме во воените дејствија во Македонија.
Тие првин имаа освоено свои енклави во БиХ, Маоча, тоа се енклави каде овие радикални структури беа физички присутни и останаа многу време по војната. Нивното дејство почнавме да го почувствуваме преку разни методи, тогаш во 2002 година јас сум шеф на воено разузнавање, каде добиваме барање и понуди од спортски натпревари, културни манифестации, да токму тие луѓе од Маоча доаѓаат, бираат начин во Косово и Македонија да организираат спортски и културни настани преку кои можат да остваруваат контакти со нивни структури на овие простори. Некаде во 1998-1999 година по бомбардирањето на Србија и војната на Косово, имаше во Македонија голем број на бегалци кои исто така во бегалски камп пропагираа радикалем ислам и тој процес остана на нашите простори.
Некаде во 2002 година, по завршување на воените дејствија во Македонија, во липковскиот регион во некои села беше евидентирано дека оние кои учествуваа во муџахедински бригади, кои беа поддршка на ОНА и УЧК, беа доста влијателни кај месното население и почнаа да добиваат термини, насилно земени термини во селски џамии каде имаа проблеми со дел од месно население и со оџите, меѓутоа сила Бога не моли и тие еден период од денот имаа миса со оџи кои доаѓаа од Блиски исток. Имаше страшно голем интерес на странски разузнавачки служби, пред се западните, за нивно присуство, затоа што во нивните евиденции евидентираа како лица со голема закана за нивната безбедност, односно обучени терористи.
Каков профил на луѓе беа мета на овие пропагандисти на исламскиот екстремизам?
Претежно категорија на регрутирани млади луѓе беше од сиромашните семејства, кои немаа финансиски средства за школување на своите деца, а тие во тоа време им даваа по 250 долари по глава на ученик, за да посетуваат вакви верски училишта, за да потоа во период од две до три или четири години ги носеа на Блискиот исток да ги дообучат, а суштината на нивното патување таму беше исклучиво обука на терористи и тоа една најопасна категорија терористи – човек самоубиец. За среќа на европско тло такви бомбашки напади нема, меѓутоа тоа се еден од најтежок вид за откривање и спречување и затоа психологија и социологија многу пати изучуваат појави зошто овие млади лица се вклучуваат во вакви терористички организации.
Кои се мотивите за следбениците на терористичките организации, го споменавте социјалниот мотив, но постои ли нешто друго што ги привлекува, особено младите лица да бидат дел од вакви групи?
Не само западните, туку и источните разузнавачки служби, нормално сите овие служби меѓусебно комуницираат и ги споделуваат овие сознанија. Се укажуваше на тоа дека еден од мотивите не само категоријата сиромаштија, алтруистички мотив, имаше едно психолошко истражување на чеченските бомбаши, покажува дека тие се лица кои биле отфрлени од својата средина, беззначајни личност кои во 2002 година и период кога доаѓа рана дигитализација, веќе преку социјални мрежи почнуваат да комуницираат и да ја прифаќаат пропагандата која ја имаат овие терористички организации.
Со почеток на 21 век почнува ера на социјална комуникација на терористички организации и ангажирање на нивни следбеници, односно лица кои би се приклучиле.
Не случајно Блискиот исток е „буре на барутот“ со децении, а претходно и со векови, каде што има вакви терористички организации. За жал дефиниција за тероризам на светско ниво постои во Обединетите нации, меѓутоа секогаш имате ако тоа е дефиниција за тоа што е терорист, тоа е лице кое противуставно, спротивно на законот сака да оствари одредени цели. Во нивната средина тие се борци за човекови права и слободи, тоа беше мотив тие да бидат докажани и најмногу се одеше на верскиот мотив во кој се проповедаше дека Алах ќе ги чека во рајот со 100 девици, тоа беше некој задгробен живот што за нив беше причина да одат да извршат терористички акт, да бидат обучени и потоа да бидат на оној свет упокоени во рајот.
Кои цели се најатрактивни за напад на терористите кога станува збор за Европа и Македонија?
За жал, по 2002 година и создавање во тоа време на единиците на Осама бин Ладен, на Балканските простори, пред се од муслиманските земји кои ги има на Балканот, имаше лица кои имаа заминато на обука во вакви терористички организации, најголем дел потоа останаа на боиштата, меѓутоа еден дел по нивна проценка беше вратен по разни патишта, разни агенди на тло на Европа.
Република Северна Македонија не е атрактивна за вакви терористички организации, за вршење на напади. Тие пред се бираат средини каде ќе добијат голема медиумска популарност, тоа е една од целите на тероризмот, медиумска популација, преку што се внесува страв кај домицилното население каде е извршен терористичкиот акт, а во последните години тоа се докажа со бегалската криза, мигрантскиот бран кој е исклучително добар начин за нив за уфрлање во такви големи маси на луѓе кои имале егзодус во своите земји, кон Западна Европа, да можат во тие маси да бидат инфилтрирани, а потоа пенетрирани во своите ќелии кои веќе постоеја на Запад и тоа во науката го викаме „терористи спијачи“, во даден момент добиваат задача од нивната централа и вршат одреден терористички акт што се покажа со напад на новинарската куќа во Франција, „Шарл Ебдо“, каде што беше нанесена голема човечка жртва врз самите новинари кои во еден весник го исмејуваа Мухамед како пророк, што беше сигнал за нив да го нападнат тој весник. Тие велат дека биле иритирани и предизвикани, а знаеме дека западната демократија има слободно новинарство секој да го искаже своето мислење.
Целото интервју прочитајте го овде.
Извор: Кумановски муабети
