| |

Дали на Бугарија „морето ѝ е до колена“?!

Пишува: Владимир Перев

Пригушено, но сепак доволно јасно, во Бугарија се чествуваат успесите од пописот во Албанија. Така и треба, тоа е голем, најголем успех на бугарската дипломатија во последниве стотина години, барем што се однесува на односите со она што ние, онака беневолентно, го нарекуваме дијаспора.

Покрај тихите, има и победнички гласови, но за атер на поукаите од историјата, треба да бидат предупредени за “времето кое доаѓа“, гледајќи од позицијата на можностите на Бугарија и историското наследство. Ние македонците имаме поуки од “општата“ ни историја со СФРЈ кои треба да бидат репер, не само за размислување, туку и поука за дејствување.

Некаде кон крајот на 1964 година, Југославија објави дека ја завршува годината со девизен суфицит од некаде 84 милиони долари. Тоа беше објавено на “големи врати“, се вртеше секојдневно по неколку пати на единствената тогаш телевизија и на сите радио програми. Сѐ најави познатата “стопанска реформа“, нејзин носител беше Киро Глигоров, а динарот стана конвертибилен неколку месеци. Потоа, партиската олигархија на “хероите“ од Втората светска војна застана против реформите, и сѐ си продолжи по старо. Тито во еден свој предупредувачки говор изјави дека “неко овде мисли да нам је море до колена, али треба пазити…људи се даве и у плиќаку…“. Тиранинот знаеше дека реформата нема да успее, тој сакаше да ја реформира олигархијата на старите борци, ама за себе да си ги задржи сите привилегии. Реформата пропадна, потоа во крв пропадна и СФРЈ, а Киро Глигоров дојде да “ни ја формира“ новата македонска држава. Колку беше успешен, се гледа од состојбата во која сме денеска…и тој како Тито, ги сакаше сите привилегии за сбе и за потомците на “старите кадри“! Типичен болшевизам.

Успехот на бугарската политика и дипломатија во Албанија е огромен и на носителите на тој успех, треба да им се оддаде признание. Но, некои нешта треба да се имаат предвид. Таков успех немаше да има ако Албанија не беше демократски конструирана држава, со сенз за своето минато. Фактот дека уште во периодот меѓу двете светски војни, во Албанија е призната бугарската народност на македонците е само основа на надградбата на новото време. Тоа е само плодната почва, не за востановување, туку за вистинска обнова на бугарскиот идентитет. Од друга страна, Бугарија издала над 120 илјади државјанства на македонските бугари, а резултатите од пописот се катастрофални, во однос на Албанија…само 3500 души. Тоа говори за насилната македонска држава кон бугарите овде, за слабиот демократски капацитет на македонското општество во целина, но и за определени пропусти на бугарските политики кон бугарите вон државата, во период од последниве стотина години. Пропусти рамни на трагедија.

Не сакам да говорам за глупостите и подлостите низ македонските медии дека Бугарија давала пари, таблети и привилегии за некој да се пише бугарин. Таблети и компјутери дели секоја будала низ Европа, која има просечо етаблирана компанија…ама, нека се јави некој да каже дека добил пари или привилегии. Дали некој со бугарски пари купил вила на Хаваи или барем само во Грција, или добил привилегија да биде бугарски судија, директор на голема државна болница, да шефува во некоја голема корпорација, да работи во полиција или армија и слична друга позиција со големи аренди? Дали станал пратеник во Парламентот или дипломат? Нема такво нешто…а порано ние, македонските бугари ги држевме тие функции во сразмер поголем од нашето учество во бугарската нација. Сега тоа е привилегија на “бугарските“ бугари и во тоа е проблемот на Бугарија.

Бугарија нема однос кон “своите“ вон границите на Републиката…дури и “царските“ граници се заборавени. Малку требаше, за после сто години Бугарија да ја изгуби македоно-бугарската организација МПО во САД и Канада, сѐ заради своето не-дејствување. Благодарение на напорите на проф. Иван Динев Иванов од Универзитетот во Синсинати и големата активност на Генералниот конзулат во Чикаго, трагедијата беше одбегната.

Додека Бугарија дел од својата интелигенција вон границите ги прогласуваше на “безвозвраштенци“, оние кои нема да се вратат, омразениот, навистина омразениот од многу срби, хрвати и бугари/македонци Тито, правеше уставни промени за оние кои не се пројавиле со оружје против Југославија, да можат да се вратат дома. СФРЈ работеше вешто-оние кои ја прифаќаа новата реалност ги примаше назад, некои со привилегии (писателот, дипломатот и српскиот националист Милош Црњански), а некои кои остануваа на “борбените патеки“ беа ликвидирани од семоќната УДБ-а. Тодорживковата Бугарија успеа само да се посрамоти со мизерното подло убиство на писателот Георги Марков…барем да го убиеја со пиштол, со куршум, на јавно место, за светот да знае кои се бугарите…го убија со отров! Средновековна подлост и кукавичлук!

Бугарија се отвори административно и сите кои имаа некаков доказ за свето бугарско потекло, добија државјанство, пасош и можност за поинаков живот во земјите на ЕС, живот за себе и потомците. Некои од оние кои заминаа, или останаа во Македонија, даваат изјави против Бугарија, изјави за кои еден ден ќе се срамат од своите деца. Но, позната е неблагодарноста на нашиот човек и на тоа не треба да се обрнува внимание. Треба да се мисли за понатаму, за времето кое несопирливо доаѓа.

Не треба само административно, Бугарија треба да се отвори кон своите вон границите и емпатично, со прифатливост и ако баш сакате, со емотивност. Да посочни дека ние сме една крв, едно племе, еден идентитет, од некогаш пред 1300 години, па се до денешен ден. Да пристапи кон организирање на својата дијаспора, да обезбеди редовна и позитивна комуникација. Треба да се надминат старите страсти наследени од комунизмот, дека сѐ она што е вон границите на Варшавскиот пакт е непријателско, дека Западот и Америка се “против нас“. Навидум избалансираната и коректна позиција кон војната во Украина, претставувана низ бугарските медии, говори за непреболените емоции кон СССР/Русија, но и вкоренетиот страв од руската одмазда. Со емоции на страв кон Русија, не може да се разговра со албанската, македонската и воопшто вистинската европска дијаспора. Без оглед што говорат некои европски политичари, вистинската албанска, македонска па и дел од бугарската дијаспора се антируски и антикомунистички.

Бројките во Албанија и Македонија ја покажаа сета релативност на нештата кои се прикажани како факти…глупаво како факт, рекол Балзак! Впрочем, примерите од блиското време ја покажуваат целосната состојба на оние кои се нашле или сакаат да бидат во Западниот свет.

Пред неколку дена новинарот и сопственик на Радио Лидер од Скопје, Љупчо Златев, познат по своите двосмислени или би рекол биполарни ставови во однос на Бугарија, бугарите и специјално македонските бугари, ми вели со ироничен тон: Знаеш, и јас еднаш се претставив како бугарин. Бев во Лондон, сакав да влезам во елитниот ресторан Хепи кој го држат бугари, ама немаше место. Разбарв дека бугарите не треба да закажуваат, имаат предимство. Со двајца свои другари му велиме на вратарот дека и ние сме бугари. Од каде сте бе момчета, вели тој…ние сме македонски бугари, му велиме и веднаш се ослободи маса за нас.

Си го замислувам Златев, онака со заокруглено лице, овални наочари, насмеан, како го подлажува вратарот во Хепи во Лондон. Оној Златев, кој и сега ни вели дека сме биле статистичка грешка и ќе не внеселе во Уставот “сите поименично, имало место за секој од нас“!

Љупчо Златев не треба да биде тема на нашите размисли…тоа е одамна видена работа на македонските простори. Мојата тема е оној обичен бугарин, портирот во Хепи кој им ја отворил вратата и срцето на своите сонародници од Македонија. Ние за него треба да мислиме, со него да работиме и од него да слушаме за нашето величие во странските држави…тој ја има вистинската слика.

На бугарската дијаспора и се нужни средства, медиуми, па и голи пари за посиромашните нашинци. Покрај бескомпромисната политичка поддршка која сега ја има дијаспората, потребни се и специјалисти за медиумска војна, потребни се радија и телевизииски програми, потребни се и хакери и ботови за валканата информативна војна која се води против нас. Најчесто одговорот се содржи во вообичаената бугарска сентенца “нема пари“. Ама од медиите знаеме дека пари има, и тоа на претек!

Таа сентенца, дека немам пари и имам проблеми со парите, често ја користев за од мојата баба Фанка да дрпнам некој динар. Таа секогаш ги имаше. Еден ден, давајќи ми ги парите, со одмерен глас и онака поучно, како што личи на егзархиска учителка ми вели: “Немаш ти синко проблем со парите, ти имаш проблем со Господ. Кога Бог сака да казни некого, прво му го зема умот, потоа парите…среди си ја со Бога работата, парите сами ќе си дојдат“

“Камеради“ од Софија, има уште многу работа пред вас и пред нас. Многу волја, многу пари и сериозен ангажман…да си ги средиме работите со Бога.

Да, и да разбереме дека “..морето не нѝ е до колена, луѓе се дават и во плиткото…“, а и таму напаѓаат ајкулите.

Слични Објави