АРМИЈАТА ПОСЛЕ 11 ГОДИНИ ПРОМОВИРА 65 ПОДОФИЦЕРИ ОД 120-ТЕ ПРЕДВИДЕНИ ЗА ОВАА ГОДИНА
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на промоцијата пред подофицерите рече дека иако кога стапила на функција не можела да разбере како е возможно се уште да имаме 500 непополнети места за подофицери во нашата формација, сфатила дека тоа не бил лесен залог.
-Ако до вчера имавме минус од 450 подофицери, со вашата група и со групата која продолжува веднаш по вас ние успеваме практично во овие три месеци да го решиме проблемот со 120 припадници, 120 подофицерски места кои веќе ќе бидат пополнети. Сакам денеска да кажам дека и лично како министер ќе се заложам секоја година да ја повторуваме оваа бројка и веќе по три години да можеме да кажеме дека целосно сме го обновиле подофицерскиот кадар во армијата и на тој начин да кажеме дека составот одговара на нашите потреби, истакна Шекеринска.
Министерката ги повика подофицерите да бидат олицетворение на армиските вредности и им порача дека тие се столбот на Армијата и дека нивната служба ќе остави силен впечаток врз нејзиниот професионален развој.
Заменик-началникот на Генераштабот на Армијата Азим Нуредини на подофицерите им порача стекнатите знаења на основниот курс во потполност да ги имплементираат во единици каде ќе ја продолжат подофицерската кариера.
Првата група од 65 подофицери обуката ја започна на 28 ноември 2020 година, а заврши на 4 февруари додека пак втората група од 55 лица обука ќе започнат на 22 февруари. Обуката се реализира во Центарот за обука „Пепелиште” од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и извидувачко – разузнавачкиот баталјон. Курсот за подофицери се состои од повеќе теми и тоа – подофицерски одговорности, воени вештини, лидерство и етика, општи воени знаења и практични форми на обука и ситуациони вежби.

