ДОНИРАЈ ДРВЦЕ ЗА СКОПЈЕ-ЗОО ДА СТАНЕ ЗЕЛЕНА ОАЗА ВО ГРАДОТ
Зоолошката градина стартува со еко кампања за разеленување на најомиленото место, не само на најмладите, со цел да стане најголемата зелена оаза во градот.
– Приклучете се на нашата мисија, сите заедно, Зоолошката градина да ја направиме најзеленото катче за прошетки и уживање, а секое ваше донирано дрвце, садница или семиња ќе можете да ги гледате долги години како растат и го разубавуваат секој дел од градината. Секое едно дрво, растение, грмушка, цвеќе ќе создаде многу кислород, позитивна енергија и чист воздух – велат од Скопје – Зоо.
Оттаму посочуваат какво дрвце можат граѓаните да донираат и истото да биде засадено.
– Заедно ќе ја изградиме најголемата зелена оаза, каде што сите ќе се гордееме на секое посадено дрво и растение, како што е врба, липа, лешник, бамбус, лотус, смрека, аронија, орев, јавор, бор, тиква, зимзелен бор, котонестер, магнолија, банана, лаванда, жива ограда „буџус“, јапонска цреша и сите останати растенија што не се токсични за животните и луѓето. Може да донирате и хумус за садење на дрвцата – нагласуваат од Зоолошка.
Сите кои сакаат да бидат дел од оваа мисија, можат донаците да ги донесат на билетарата во Скопје -Зоо секој ден од 9 до 17 часот.
– Веднаш штом почнеме да садиме, едно по едно сите дрвца, садници и семиња ќе ги објавиме овде, а вие ќе може при вашите прошетки во Скопје -Зоо да гледате како напредуваат и растат – додаваат од Зоолошката градина.

