„Разговор во четири очи“ гостува во Велешкиот театар
На малата сцена на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес утревечер (8 мај) со почеток во 20 часот гостува претставата „Разговор во четири очи“ од Ингмар Бергман, во режија на Нина Николиќ, копродукција на Скопје филм студио и Македонскиот народен театар …
Во претставата „Разговор во четири очи“, работена според романот на Ингмар Бергман, главниот лик Ана Бергман се среќава со личностите кои го дефинирале и обликувале нејзиниот животен пат (свештеникот Јакоб, сопругот Хенрик, мајката Карин и љубовникот Тумас).
Тие средби истовремено се нејзино потсетување на храброста, дрскоста и слободата кои со времето ги имала изгубено. „Разговор во четири очи“ го истражува прашањето за способноста и силата на поединецот да преземе контрола над сопствениот живот и да ги признае направените грешки. Оваа приказна е горко сознание за изгубеното време, пропуштените можности, свесното жртвување и соочување со она што сме биле некогаш, што сме можеле да бидеме и она што сме.
Адаптацијата на претставата е на Тамара Барачков, костимографијата на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а сценографијата на Сања Аврамоска. Актерската екипа ја сочинуваат Амернис Нокшиќи – Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Оливер Митковски/Благој Веселинов, Дарја Ризова, Катина Иванова и Дамјан Цветановски.

