| |

Кривите посланија на Стојан Андов

Пишува: Владимир Перев

Чудесна е Македонија, чудесна е македонската надворешна политика, а за чудесиите кај нас, најзаслужни се политичарите, претежно бившите! Не можев да се изначудам кога на ТВ Канал 5 го видов одамна заборавениот Стојан Андов, сеуште крепок, здрав и жив, сè уште политикантски и негативно настроен за сѐ и сешто што не е блиску на неговата егоцентрична личност, како дели „мудри“, поточно речено убиствени совети за нашите односи со Бугарија и за дејствијата, што треба да ги преземе владата на Заев, поточно самиот Заев и неговиот „специјален“ пратеник Владо Бучковски. Заев и Бучковски, вели стариот политичар Андов, сега веќе не треба воопшто да одат во Бугарија, треба да чекаат таму да завршат изборите, па потоа да се види кој каде е, па со нив да се преговара. Речи си истовремено во некои наши медии се протуркува идејата за прекин на преговорите, секогаш зачинета со бугарскиот „национализам и историските бугарски заблуди, заради кои тие, бугарите секогаш губеле и настрадувале“.

За нештата да не останат само така речени, на другиот ден, т.е. денес, Канал 5 во обемната утринска програма од 7 до 10 часот, прво ја репризираше изјавата на Андов, па потоа, како да се работи за откривањето на некоја нова планета, ја постави на увид, односно на јавувањата на гледачите. Така, одново и одново, ги слушавме македонските плачевни гласови, што бараат прекин на преговорите, секогаш зачинети со навреди и (по македонски, кај жените) клетви кон Бугарија и Бугарите. Сите беа на страната на Андов за прекин на преговорите, Заев и Бучко да си седат дома, а потоа “нашите европски и американски стратешки пријатели“, по изборите во Бугарија, ќе им покажеле на тие Бугари таму…

Не го познавам Заев, но верувам дека е паметен човек, без разлика на неговото познавање на англискиот, бугарскиот и македонскиот јазик. Човек кој има толку пари, не може да биде глупав. Може би да не може да биде чесен во онаа обикновената смисла на зборот, но глупав, никако не може да биде. Ех, секому може да му се случи да “му се скрши тркалото“ на некоја кривина, како на пример на несудениот почесен бугарски конзул во Македонија, ама таму се работи за битка од друг тип, со многу други непознати играчи и интереси. Овде ситуацијата е јасна. Не верувам дека Заев ја гледа Утринската на Канал 5, не верувам дека ја гледа утринската програма на било кој канал. Утринските програми со јавување на “редовните гледачи“ служат за замајување на безработниците рано наутро и за тормозење на нас пензионерите, кои ни ги предлагаат како забава. Фактички, една група група граѓани, не повеќе од стотина души меѓу кои има и малоумници и платеници, не тероризира нас, домашните животни пред телевизорите, развивајќи ни го чувството за садомазохизам до невидени, неочекувани граници на нашето сопствено безумие. Стојан Андов секогаш бил благородна иницијација за нашето безумие.

Бугарската политичка сцена и арена ја познавам релативно добро, па затоа мислам дека Зоран Заев нема излез каков му го нуди Андов, утринските последователи-граѓани на Андов, некои колумнисти или дешперантни типови од политичката арена кај нас. Затоа:

– Заев да си земе годишен одмор и наместо да оди во неговата омилена Грција, да замине за Софија и да отседне во хотел “Гранд Шератон“ во центарот на градот. Така ќе биде најблизу до сите бугарски институции, Парламент, Влада и Претседателот на Бугарија. Најблиску до него е агенцијата БГНЕС на Љубчо Нешков, да им направи протоколарна посета и да ги замоли за содејство по „македонскија в’прос“.

– На малиот триаголник пред новата зграда на Парламентот, на тоа плато да подигне шатор, луксузен, со мини бар и разладни уреди. Тука поминуваат сите важни политичари на Бугарија, да разговара со секого од нив, да ги почести и да ги замоли да интервенираат кај носителите на бугарската “длабока држава“, за разум и милост кон нас, со ветувања дека ќе се потрудиме тоа да го оправдаме.

  • Да говори исклучиво на струмички. Македонскиот и бугарскиот не му се јака страна; така, на струмички најдобро ќе се разбере со Бугарите, така ќе нема недоразбирања кој, кому и што направил или рекол.
  • Секоја вечер да приредува мал, скромен коктел во “Шератон“. Бугарите се љубители на чашката, исто така и сите странски (а бога ми и нашите) дипломати сакаат да пивнат, така полесно се доаѓа до in vino veritas!
  • Пред неговиот шатор ќе помине Каракачанов, а сигурно и Захариева. Да не слуша што му велат домашните “патриоти“, тие не ршаваат ништо, туку тој да биде љубезен и срдечен со нив, да ги покани на разговор. Не се знае што носат новите избори, а има ѕвезди што не потемнуваат… мислам на Захариева, Каракачанов го знаеме од пред триесет години.
  • Да се сретне со онаа „страшна“ жена која пишува книги за единството на македонскиот и бугарскиот јазик, мислам на Ана Кочева. Не ја знам лично и не можам да му дадам препорака за разговор, ама го познавав нејзиниот татко…прекрасен, образован и многу умен човек. Јас него сум го тормозел околу нашиот македонски јазик, но на Заев не му препорачувам такво нешто. Тогаш зад мене стоеја Коста Црнушанов и Иван Николов, па сите глупости ми беа дозволени, а Заев е сам, без препораки и заштита, а колку што гледам со “таа“ Ана, тешко може да се излезе на крај. Ама и тие од Муртино не се за фрлање, секогаш можат да најдат некое решение, само полека, мирно и со наведната глава…потоа ќе си дојде нашето!
  • Во шаторот на Трианглата пред Парламентот да ги покани сите бугарски политичари, без разлика дали влегуваат во победничката или поразената структура. Тие се како нас во Македонија, сѐ едни те исти седат во Парламентот и Владата, час како позиција, час како опозиција. Треба да се предвидува иднината, а не треба да си Ванѓа за да разбереш дека нам “не ни чини планот во иднина“, па треба нешто да се направи.
  • Да избегава луѓе од светот на финансиите, банкарството и медиите. Тие ќе му кажат дека во Македонија има најслаб проток на капиталот од цела Европа, а сопственоста на средставата на јавно информирање, специјално телевизиите се во рацете на семејни кланови. Телевизиите навистина пропаѓаат, но не се продаваат и купуваат, нема промена на капиталот, а Европа на тоа гледа со ужас и гадење…зато сме таму со јавното информирање, каде што сме…
  • Во Македонија да се врати по конституирањето на новото Собрание, да присуствува на првата седница и со поздравен говор да им се заблагодари на сите. Тоа не е благодарност за “ништо“, тоа е благодарност дека сеуште му даваат надеж дека ќе опстои на кормилото на Македонија, тој и оние околу него!

Затоа, не треба да се гледа Канал 5 и да се слушаат изветвените мисли на Стојан Андов. Што може Заев да научи од човек кој беше последниот југословенски амбасадор во Ирак за време на распадот и војната во Југославија и остана таму последен во амбасадата. Иствремено беше и амбасадор, и домаќин и градинар. Што може да научи од човек кој за време на Референдумот за самостојна и независна Македонија, си замина за Грција и како повеќето тогавашни политичари, не присуствуваше на прославата на Плоштадот. Знаеше дека ќе биде фотографиран и не сакаше да се замери со менторите од Белград. Сепак, не му се оствари идејата да биде Претседател на Македонија, Киро Глигоров го преживеа атентатот! Заради нив двајцата, како и заради некои други боготворени личности кај нас, Македонија едвај преживува!

Стојан Андов е минато кое треба да биде заборавено, а Заев е сегашност која треба да биде надмината. На него е задачата да опстои и во иднина, за да не бараме да биде заборавен како Андов, или надминат од времето кое треба самиот да го пресретне и обликува.

Слични Објави