БЕКТЕШИ : СО ЗАЕДНИЧКА СОРАБОТКА МОЖЕМЕ ДА ЈА СМЕНИМЕ ЕКОНОМСКАТА ИДНИНА НА РЕГИОНОВ

„Ја поздравувам идејата за организирање на овој прв Балкански форум, како собир на креатори на политиките на балканските земји, со една единствена цел-да го направиме Балканот, наместо регион кој асоцира на предизвици, да биде место кое нуди позитивни можности, активна регионална соработка и пријателство меѓу соседите, економски раст кој ќе го чувствуваме сите, а со тоа и подобар животен стандард за сите наши граѓани. Ние имаме шанса да ја смениме иднината на овој регион – треба само да ја зграпчиме и да работиме на нашата заедничка агенда“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на дводневниот Балкански форум за инфраструктура, развојни мрежи и за промоција на претприемништво и иновации, кој се одржува во Солун, во организација на грчкото Министерство за Македонија и Тракија.

Осврнувајќи се на скорешната посета на грчката државна делегација, предводена од премиерот Ципрас, а придружена со претставници од бизнис секторот во Северна Македонија, министерот Бектеши ги спомена правците на соработка и заедничките проекти договорени на седницата на Високиот Совет за соработка помеѓу меѓу двете земји.

„Грција е рангирана на 2-то место со кого Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена со светот во 2018 година, а растот во вкупната трговија изнесува 15,8%, при што извозот е зголемен за 5,8%, а увозот за 19,1% во однос на 2017 година. Во суштина, од петте наши најголеми трговски партнери во минатата година, дури три држави се земји од регионот, и тоа: Грција, Бугарија и Србија. Сосема природно е што сакаме да соработуваме со земјите кои ни се соседи, со нашите пријатели од регионот. Слично поднебје и менталитет, слични консументски навики и вкусови, слични предизвици. А тоа е одлична основа да ја надградуваме соработката во сите економски сектори“, рече Бектеши.

Министерот за економија го претстави пред присутните на Планот за економски раст и Законот за поттикнување на инвестиции, со кои за првпат е овозможен еднаков третман за сите инвеститори – домашни и странски и ги покани компаниите од земјите присутни на Форумот да инвестираат во Северна Македонија и да го почувствуваат ефектот од донесените мерки. Тој се осврна на реформите во енергетскиот сектор, кои ќе овозможат повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија, а согласно темата на панелот, Бектеши ги спомена мерките за поддршка на мали и средни компании, со акцент на поддршката која им се дава на компаниите за развој на нови иновативни производи, бидејќи како што истакна, развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Северна Македонија.

Форумот го отвори заменик министерката за Македонија и Тракија, Елефтерија Хаѕигеоргиу, а вицепремиерот на грчката Влада, Јанис Драгасакис се осврна на можностите и перспективите на балканската соработка. На панелот се обратија и заменик министерот за економија и развој на Република Грција, Астериос Питсиорлас и заменик министерот на Романија, Богдан Константин Андроник.

Првата сесија закажана за денеска, е на тема „Состојби во транспортната, енергетската, индустриската и технолошката инфраструктура во Балканскиот регион“, а сесиите посветени на инструментите за финансирање и на бизнис и технолошко вмрежување, со цел мобилизирање и валоризирање на потенцијалот се закажани за вториот ден од Форумот.