Ќучук: Ги повикувам Бугарија и РС Македонија да го продолжат конструктивниот дијалог
„Самитот ЕУ-Западен Балкан е историска и успешна лекција за Европа, бидејќи на овој начин му покажуваме на регионот дека секоја пречка може да се надмине во посветеноста кон процесот на проширување и дека полноправното членство во ЕУ е наша заедничка крајна цел“, изјави набљудувачот на Европскиот парламент за РС Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук за време на дебатите во ЕП.
Според него, сепак, процесот на проширување зависи не само од нивото на економски раст, туку и од многу други фактори, вклучувајќи го владеењето на правото, демократијата и добрососедските односи.
„Провокацијата на границата меѓу Косово и Србија ни покажа колку кревок е мирот во регионот, како што и тешкотиите меѓу Бугарија и Северна Македонија во изнаоѓање компромис за билатералниот спор, ни ја покажуваат улогата на минатото во регионот. И верувам дека ние мора да продолжиме да ги поддржуваме земјите од Западен Балкан во спроведувањето на сите неопходни реформи, бидејќи Европската унија и почитувањето на нејзините вредности и стандарди остануваат најголемиот обединувачки фактор за регионот.
Ги повикувам Северна Македонија и Бугарија конечно да го продолжат конструктивниот дијалог за да се постигнат одржливи резултати. Во спротивно, секое дополнително одложување ќе ги загрози кредибилитетот, објективноста и доверливоста на процесот на пристапување“, додава Ќучук.

