НЕМА ПОТРЕБА ОД БУГАРСКА „РОМАНТИКА“ ЗА ШАРЛО И ЧЕНТО

//

Повод: Иван Николов: Време е во Македонија да ја воскреснат вистината за Методиј Шаторов-Шарло и Методиј Андонов-Ченто

Отворањето на прашањето за ролјата на Методи Шаторов-Шарло во современата македонска историја отсекогаш било болна тема, проследена со дијаметрално спротиставени мненија и бројни контроверзи во ставовите. Без разлика дали, за едните е херој, а за другите предавник, Шарло останува запаметен како инструктор на Коминтерна во спроведувањето на сулудата идеја на Сталин за „светската пролетерска револуција”, која по некои мненија треба да отпочне баш на Балканот.

Бугарската публика не знае речи си ништо за херцеговскиот муслиман-србин  Мустафа Голубич (Mustafa Golubic), кој заедно, речиси истовремено со Шарло сноваат низ европските и азиските пространства, вршејќи егзекуции на „неподобните” комунисти, на троцкистите и анархистите. Двајцата речиси истовремено се во Париз, заедно со Јосип Броз Тито, каде работат на „прочистувањето” на таласот на револуционери кои по поразот во граѓанската војна во Шпанија, сакаат да заминат за СССР. Таму тие тројца ги вршата „отклонувањата” на неподобните, а истовремено се во тесна соработка со француската полиција, како нејзини доносници. Ниту еден од нив не држи на националната припадност. Тие се коминтерновци, болшевици и воопште никогаш не им паднало на памет да кажат дека се муслимани, православни, хрвати, срби или македонци или бугари…просто, биле пролетери од елитата на НКВД.

Да се нарече Шарло „бугарин”, тоа е флоскула која превасходно е „кодно име” за некого во илегала, а не определение по националност. Кому му паднало на памет, на пример, Цар Фердинанд да го нарече немец или бугарин, или француз…тој е цар и тоа е достатачно, како што за Шарло е достатачно да се нарече коминтерновец…тоа појаснува се.

Онака како што Венко Марковски е еден од родоначалниците на македонизмот, преку неговата ролја во војната и учеството во работата на Јазичната комисија на Македонија, така и Шарло е родоначалник на македонизмот, преку неговиот проглас до „работниот народ на Македонија”, како и во неговото измислено „Писмо до Стојана“, каде, за прв пат, на ужас на македонските бугари, бугарските војски ги нарекува окупаторски, а ролјата на бугарската армија и држава ја поравнува со ролјата на Србија и Грција како завоеватели на македонските земји. Подоцна, таа состојба генерира востание, доаѓа до победата на југокомунистите на бојното поле и политички во Македонија, почнува новата голгота на македонските бугари, а националното предавство на Шарло е измиено со некакво залагање, македонската компартија да остане во рамките на БКП. Па што и ако така станело, каква полза од тоа, дали македонските патриоти ќе скапувале во затворите во Идризово, или, уште полошо, ќе оделе во логорот Белене. Теророт, „воениот комунизам“ во Македонија и Југославија траеше до судирот со Ѓилас и запре некаде околу 1952-53 година, а во Бугарија траеше до 1990 година.

Шарло е ликвидиран на Милеви скали на неколку дена пред 9 септември. Нема никакви нејаснотии околу тоа. Директниот убиец е Антун Колендич, син на ректорот на Скопскиот универзитет од времето на кралска Југославија. Тој подоцна станува доктор на науки и омилен титов дипломат низ целиот свет. Цел живот беше замешан во гнасни и финасови афери. Шарло е ликвидиран по налог на Тито, а во согласност со Сталин, сето тоа потврдено со изреката дека „два петли не можат да пеат на исто буниште”.

Македонската влада, безразлично дали е водена од Георгиевски, Црвенковски, Груевски или Заев, по својата суштина е западно ориентирана (барем декларативно), онолку колку што разумот и паметта на споменатите лидери позволувале. Затоа, немало потреба за некакво преосмислување на ролјата на Шарло во македонската историја. За сите тој останува еден од предводниците на болшевизмот на Балканот и во светот, идеја која одамна е надмината, проектирана од држава која се распадна и применета на друга држава која исто така, се распадна, но крваво. Односите пак, на релацијата Шарло-Тито-Лазо Колишевски се само, како би рекол Крлежа, „судир на левицата”, нешто кое денес е апсолутно неважно и неинтересно како преоценка на тогавашните состојби. Да, има последици од тоа, но подобро ќе беше да ги нема.

Сосема поинаква е ситуацијата со Методи Андонов Ченто. Прилепчанец, крчмар, ситен трговец, ама природно надарен и интелигентен човек, тој е вграден во основите на македонската современа држава. Отсекогаш бил близок до левите теченија на македонската политика. Бил убеден атеист, па затоа, во времето на кралска Југославија склучил граѓански брак во Нови Сад, каде тоа било единствено возможно. Бил првиот кој отворено ја посочил опасноста од српскиот национален експанзионизам врз Македонија, првиот кој отворено проговорил против Србите и ги нарекол окупатори. Зад себе не оставил запишани спомени, ние не знаеме какви визии имал за иднината на македонскиот народ, но знаеме за неговите илузии дека борбата против фашизмот ќе донесе слобода на Македонците. По војната, тој се соочи со пропаста на своите илузии, со новата трагедија на Македонците и со србскиот насилствен експанзионизам. Неговото спротиставување на Тито на островот Вис при утврдувањето на позициите на новата федеративна Југославија, беше последниот восклик за помош на еден обесправен народ. Никој не му помогна, нито македонските нито бугарските комунисти…напротив, и едните и другите ја запечатија неговата  судбина.



Денес, современите Македонци, македонисти па и некои во Бугарија со занес гледаат на личноста на Ченто. Некои други пак сметаат дека тој имал погрешна проценка на ролјата на сопствената личност во современта историја на Македонија. На негова душа се ставаат убиствата на браќата Чкатрови и на многу други Македонци, подведени под неговите изјави и илузии за „еднаквост, братство и единство”. Коста Црнушанов некаде цинично(вообичаено за него) ќе забележи дека Ченто му рекол дека „ќе правиме држава, па макар и со црниот ѓавол”, за на крајот, како вели „бај” Коста „ѓаволот да го земе и него”.

Конечно, Македонија се оддолжи на Ченто и на тоа треба да се остане. Неговото време одамна е одминато, државата ја чекаат нови предизвици а историјата не трпи претпостави и условени решенија.

Современите македонисти имаат желба да ги македонизираат и Шарло и Ченто. Грешат. Шарло не беше нито Македонец, нито Бугарин, беше обикновен болшевишки екзекутор чие отсуство од политичката сцена на никого не му недостига. Ченто пак, веројатно беше и Македонец, и Бугарин и македонист, но цврст поборник на македонската државност. Македонија, како што реков, му се оддолжи.

И двајцата, и Шарло и Ченто ја немаа онаа идеолошка потка, идеја-водителка за идните собитија на Македонија. Тоа е целата вистина за нив. Затоа, современите македонски политичари не се занимаваат со нив. И, не треба…

Автор: Владимир Перев

Претходна статија

ОД ДЕНЕСКА ЗАПОЧНУВА ПРОДАЖБАТА НА СЕЗОНСКИ БИЛЕТИ ЗА МЕЧЕВИТЕ НА РК ВАРДАР

Следна статија

ВЕЛОСИПЕДИСТ ПРЕНЕСЕН НА КЛИНИКА, ИЗГУБИЛ КОНТРОЛА И ПАДНАЛ НА ПАТОТ КОН ВОДНО

Најново од Истакнато