| |

Прекинете со криенката зад Софија- проблемот е Скопје

Facebook статус на Арсим Зеколи

Денес Бугарија има повеќе причини и аргументи за ставање вето отколку пред две години. Доколку пред две години постоеше надеж дека ветото ќе придонесе кон вразумување и коригирање на comme de habitude поведение на службено Скопје, денешната одлука на Ковачевски да ги номинира стандардните Верушевски, Рамадани, Адеми укажува дека не станува збор за превиди туку за цементирана ментална состојба која не разбира со арно туку само со вето. Но, за разлика од пред две години, денес и добар дел од граѓаните во Македонија не толку гласно – но премолчано – ветото го сметаат како единствена шанса да преку надворешен притисок се променат нештата во разбирањето на “државата” од страна на овдешните власти.

Ветото е логично поведение се додека Скопје инсистира на логиката “менувај без да смениш било што” или хименопластичната пракса “да се сексаме но така да останам невина”. Пример за тоа е и тековната хистерија низ македонските медиуми, особено од устите на гласните пропоненти на граѓанскиот концепт, кој веќе е отворено еволуиран во крипто-шовинизам на естаблишментот. Таквите ќе ги препознаете по усти полни граѓанштина, граѓанство, граѓански партии, да не се делиме, не е битно етничкото. Сепак, тоа се истите кои по резултатите на пописот први гракнаа со задоволство што бугарите се “статистичка грешка од едвај 3000” и со убедувања дека “албанците се под 20%”. Колкав и каков е квалитетот на нивната граѓанштина можете да го проверите со едно прашање “а што менува доколку има 12% бугари и 35% албанци”, битно е дека сме сите граѓани, нели. Нели?!

Ерго, таквата мимикрија со граѓанизмот очигледно е веќе отфрлена и од Габриел Ескобар и неговата забелешка (на адреса на Босна) дека “граѓански концепт ќе може откога ќе влезете во ЕУ, а дотогаш важи Дејтон”. Ивон Величковски има интересна забелешка за тој нов притспа на Ескобар. На кој би го додал и моето претходно укажување дека Македонија ќе се соочи со избор помеѓу Охридска и Дејтонска Македонија. Не по вина на Тиранската Платформа или Софијскиот Договор туку како консеквенца на ишчашеното разбирање на граѓанскиот концепт од страна на белградскиот трамвај во Скопје и инсистирањето на зачувувањето на белградскиот наратив врз македонскиот концепт.

Токму изборот на Верушевски, Рамадани, Адеми е пример за таа ишчашена, дегенерирана логика на граѓанството диктирана од длабоката држава. Ковачевски ја скина маската со именување на Верушевски, озлогласен лик вклучен во редица афери на прислушување со која тој има допринесено кон рушење на кредибилитетот на институциите. Рамадани, Адеми, Шпреса Јусуфи, Агнеса Руси се пак примери на дегенерацијата на концептот на “лојалност кон државата”, кој што Бујар Османи сега ко вперува и кон сограѓаните Бугари. Ниеден од наведените, уште помалку од нивните шефови, не може да конкретизира за каква лојалност станува збор? Кон државата предводена од Верушевски кој ги крши законите? Кон етно-македонската концепција на Република Македонска со чат-пат токенистички албанци или бугари или турци? Доволно е да се укаже дека сите именувани албанофони се избрани од СДСМ, контролирани од СДСМ и држени на дизгин од СДСМ. Но тие не се – не биле и никогаш нема да бидат – претставници на Албанците. Дури ни на Македонците. Се додека СДСМ не реши да Рамадани, Адеми, Јусуфи, Руси ги стават на изборни листи за пратеници во Аеродром, Виница, Крива Паланка па да видиме колку македонски гласови ќе добијат. А за кај албанците, ете – прашајте го Фатмир Бутуќи колкава му била цената во ДУИ и колку му се исплатеше патриотизмот во Здружението на Северно-Македонски бизнисмени. Пародија и трагедија.

Затоа, пораката на Османи е дека се бараат бугарски верзии на албанофонски токени кои ќе треба да глумат граѓанство скроено по мерка на грст олигарси, стари удбаши, шарлатани и колонијални погмејци. Што подразбира дека – слично како прашањето на албанците – прашањето со бугарите ќе се сведе во бескрајна оперета и натпревар меѓу серијски штанцани ЕУ и САД извештаји полни со пофалби за “мултиетничките успеси” и реалноста во која Македонија се повеќе наликува на Судан. Опасноста за Македонија денес и утре не е ветото од Бугарија, туку се пофалбите од Брисел и Вашингтон за миражните успеси на нивните пигмејци и актери на мултиетничност со најниска доверба во сопствените етникуми и исмеани од етникумот на нивните газди. Впрочем, вреди да се потсетиме дека овој ист Исмет Рамадни во време на груевизмот тврдеше во Стразбург дека албанците ги имаат сите права. Се додека не беше разобличен од приштинскиот печат.
Јасно и разбирливо е дека на САД и ЕУ им е насушно потребна некаква успешна приказна, посебно во однос на провокациите од Русија и Кина. Но и ним нека еднаш веќе им биде јасно дека нивните стратегии се редовно осудувани на пропаст поради нивната зависност и предодреба за фаворизирање на квантитетен шкарт камуфлиран во квалитетни обланди на токенизам. САД и ЕУ треба да ја превземат одговорноста на ист начин како што ја наметнуваа комотноста на избирање лажни анѓели кои израснуваа во вистински ѓаволи на демократијата, по примерот на Груевски и Вучиќ, Рама и Заев, Абазовиќ и Пендаровски, сега за жал и Ковачевски. Тие нека си објасната на самите себе, не нам, како во исто време нивниот Рама бара да се откачи од Македонија а во исто време е со полни усти пофалба за Отворен Балкан. Среде многуте домашни шизофрении, оваа шизофренија со адреса на Брисел и Вашингтон.

Затоа, ветото од Бугарија нема да и наштети на Македонија. Може да и наштети само на оваа корумпирана братија спремна да во име на преговори избрка се што е младо и способно и некорумпирано од оваа земја. Во тоа е разликата. ЕУ и САД и нивните скопски пигмејци инсистираат на спас на државата. Останатите молат и клечат за спас на земјата. Давањето изим од Софија нема да ја спаси државата, исто како што и ставањето вето нема да ја загрози земјата. Оваа игранка со “спремни сме за ЕУ ама бугарите не даваат” е веќе толку одвратна, толку провидна, толку банална и глупава и на штета на последните надежи на најголемите поборници на вистински реформи.

Лично немам никаква причина да им се лутам на Софија доколку стави вето. Имам доволно причини да им се лутам на Брисел и Вашингтон што така цинично ја злоупотребуваат искрената верба во ЕУ и НАТО како аусвајс за толерирање на тотално искварен естаблишмент демек во име на успех на Македонија, а всушност во име на кариерите на нивните дипломати и промашени стратегии за зацелување на земјата. Вината за ветото веќе не може да биде само на адреса на Софија, туку подеднакво и на адреса на Вашингтон, Берлин, Брисел и нивните амбасадори кои протежираат апла-злотвори, бесрамни криминалци, разулавени силеџии, комунистички агентури и ликови кои сопствениот народ не ги сака па се принудени да од интерес, а не од принцип или убедување, глумат “мулти култи” и со тоа ја ништат смислата на различноста.

Пред десет години напишав колумна во која искажав страв дека нашиот пат кон ЕУ ќе наликува на приказната на Хемингвеј за старецот и морето. Дека додека патуваме кон ЕУ, ќе станеме Камелот на американски и европски статистуички успеси и Картагена на остарена и осиромашена земја. На Македонија не и се “итно потребни преговори” со било кој надвор. Потребно, е насушно потребно е да се отвори јавен диалог на западот со овдешните злотвори дека со нив преговорите ќе бидат бескрајни се додека се обидуваат да се спасат себе си на сметка на државата и преку експлоатација на секој проблем со цел профитирање од него. Прекинете со криенката зад Софија. Проблемот е Скопје.



Слични Објави