ПРВА…ПА МАШКА

Нека сонцето што ни кажа „здраво…“ во првиот ден од новата 2019 г. не ве залажува… после трите точки следи „копуци“!!!

Би сакал со првиот „краток спој“ за новата година да ве мавнам онака позитивно, со оптимизам и ете почнувам…

Во Новата 2019-та не се очекуваат стари амнестии за вери импортант фацки… тие што требаше да извлечат г’з од ќорка-извлекоа. Исто ко во 2002-ра, но фактот што 17 години подоцна не сме мрднале ни сантим ме плаши. Тоа му доаѓа нешто као… мал беше-мал си остана. Знаете на што мислам не бидете домаќини!!!

Во Новата 2019-та повторно ќе има пазарл’ци, оти тие што се пазарат одамна знаат дека ние што не се пазариме нема да се буниме. Ќе ни пуштат некоја мастика за џвакање и оп Фатиме… претседателка!!! „Ама таа нема години за претседателка“, ќе речете вие, а јас ќе ве сотрам со муабетот… „и Ахмети беше терорист, ама ете го почна 17-та година како фактор у државата со една мала но бурна пауза во опозиција“. Ќе се смени закон ако треба, што е тука толку сложено? Тие нашите „пазарџии“ цел нов закон измислија (долг цели неколку реченици) за да ги спасат „тешкашите“ од 27 април, па за Фатиме ли и нејзината пуста желба нема да се договорат. Таа би била прекрасен консензуален кандидат за претседател… Албанка е, не е во конфликт со ДУИ и омилен пејач и е Аца Лукас… подобра опција-Амин.

Никола нема да се врати… тоа го кажувам за „секташите“, кои потајно се надеваат дека ако Мицко војвода го издува Зајко сеа на претседателските избори (за коишто нема да се зачудам, ако бидат 2 во 1 сосе вонредни парламентарни), дечкото што носи скапи, но грди зимски јакни ќе ја остави Будимпешта, за да се врати во загаденово Скопје… коешто патем кај и да е ќе има трамвај. Петре кажа не слушнавте?

Иванов можеби ќе направи партија… патриотска во стилот „шумите-буките“, инаку зашто би му користел патетичниот патриотски последен говор упатен до тие кои го исвиркуваа ко последни пијандури во Собранието. Тој нема право на трет мандат, ама има право да ги поведе facebook патриотите кои веруваат дека Гоце Делчев и Даме Груев биле антички Македонци, ама ете работеле за бугарската Егзархија, а таа на најпокварен начин на папир ги водела Бугари, нормално против нивната волја.

На Заев и на неговата дружина во новата 2019-та не им останаа многу работи за да ги дозаебат. Ги средија сите проблеми во државата, ги исповработија синовите, ќерките и шваљерките на главните фацки и сега можат онака лагано да им се посветат на економијата, здравството и образованието. Дајте му шанса на човекот и неговата екипа, сепак од 49 пратеници стигна до бројката 95 кога се гласаше амнестијата за Мукоски и другарите. Заев можеби не може да мести референдуми, ама знае како да си обезбеди мнозинство во парламентот.

Ние… нема момент ние, секој се спасува сам, капитализам јебига, ама кога ќе се замислам ние не живееме во капитализам, а во некаква дебилна форма на посткомунизам. Наследниците на комунизмот не ја пуштаат власта ни за момент, а ние што не сме дел од тоа одбрано друштво гледаме како испосрани. Ние знаеме дека и едните и другите се исти, ама упорно си ги гласаме, оти цело време живееме за инает на другиот, а не за сопствено задоволство. Живееме бедно и нервозно и се нервираме оти Кирац си ја вработил шваљерката на државно. Брзам да ве смирам… во новата 2019-та нѐ очекуваат нови поводи за нервози, оти ние така функционираме веќе 27 години во оваа библиска земја.

Автор: Батко Тане